Еурофарм загуби по истиот рецепт, со еден гол разлика од Татран Прешов
Foto

Еурофарм загуби по истиот рецепт, со еден гол разлика од Татран Прешов

Еурофарм работник повторно успеа да загуби добиен натпревар, овој пат против екипата која досега немаше ниеден бод во групата, Татран Прешов. Битолската публика се разочара со конечни 23-24 за првакот на Словачка.

Трендот продолжува, натпреварите на Еурофарм работник во Лигата на шампионите се крајно драматични неизвесни и, задолжително, завршуваат со еден разлика за победникот. Меѓутоа, четврти пат оваа сезона тоа не беше Еурофарм работник иако четврти пат ја имаше победата в раце.

Македонскиот вицепрвак подолго во натпреварот водеше, имаше минимални 14-13 на паузата, но и добар старт во второто полуврем. Одличниот период до 47. минута им даваше право на сите во „Боро Чурлевски“ да веруваат дека се крчка нова победа, арно ама работите се распаднаа.

Откако водеше со 21-17, Еурофарм почна да греши во нападот и да промашува зицери. Татран тоа го искористи за да направи серија и да се врати во игра, дури и да поведе. Поминаа цели 10 минути додека битолчани го постигнаа следниот, гол број 22, додека гостите веќе нанижаа пет едноподруго. Во последните три минути се играше гол за гол, Еурофарм имаше напад за победа, но наместо да реализира му подари шанса која не се пропушта на Татран, а ја искористи Лапајне на шест секунди до крајот.

Повторно Остроушко беше најефикасен, овој пат со осум гола, Граѓан додаде пет, а Митревски имаше 12 интервенции. Со четвртиот пораз во пет меча, Еурофарм остана на два бода, колку што има сега и Татран. Нивниот конкурент на дното на табелата, фински Кокс, покажа поголема стабилност, па на свој терен го совалда Спортинг и сега со четири бода се издвои на четвртото место. Следниот натпревар Еурофарм го игра на гости, во Прешов, но по репрезентативната пауза, на 2 ноември.

0 Коментари

Остави коментари