Еурофарм уште еднаш надмудрен од Татран Прешов
Foto

Еурофарм уште еднаш надмудрен од Татран Прешов

Петти пораз во шестиот меч од Лигата на шампионите за македонскиот вицепрвак, Еурофарм работник. На гостувањето кај Татран Прешов, момците на Стевче Алушовски не најдоа начин да го одмаздат несреќниот пораз од пред својата публика, пред две недели и загубија со 29-31.

Ако нешто е ново со настапот на Еурофарм во ЛШ, тоа е дека првпат загуби со повеќе од еден разлика. И овој натпревар беше тесен и овде имаше водство, но повторно концентрацијата попушти и ривалот беше подобриот тим во второто полувреме.

Еурофарм отвори инертно, првиот гол го постигна дури во петтата минута, но потоа фати приклучок, па со најдобриот свој период во овој меч (10-15 мин.) првпат поведе, со 8-7.  Серијата продолжи да расте до највисоки 11-8 во 18. минута, но Татран не дозволи да се создаде повисока негатива, па се врати во игра, дури и замина на пауза со предност, 15-14.

Во вториот дел Словаците играа попостојано. Еурофарм имаше добри период и серии од по 3-0, 4-0, но постојано паѓаше. Во 51. минута, Татран ја имаше највисоката позитива, 27-23, но битолчани и од тоа се вратија, за да се доведат во ситуација да се надеваат барем и на реми, сепак безуспешно.

 

Повторно најефикасен беше Остроушко, со осум гола. По овој меч, Еурофарм падна на последното место во групата Ц, единствен со два бода, Татран и Кокс над него имаат по четири, Спортинг со седум е трет, Савехоф е втор со осум, води Бидасоа со 11.

0 Коментари

Остави коментари