ЕУ министерски состанок: Каков заклучок ќе има за земјава?
Foto

ЕУ министерски состанок: Каков заклучок ќе има за земјава?

Каков заклучок може да очекува земјава неделава од Европа – откако по берлинската средба на Зоран Заев и Англеа Меркел, извесно е дека датум за почеток на преговори најрано може да има во октомври. 

Според дел од аналитичарите кои ги следат евроинтеграциите, прецизна одлука во вторник кога ќе заседаваат шефовите на дипломатиите во Луксембург, не треба да се очекува. 

„Извесно е дека значајна одлука не очекуваме. Најдобро сценарио би било, Советот да ја овласти Комисијата да започне со работа на преговарачката рамка, но тоа во моментов е една од пооптимистичките опции, коишто се уште не можеме да процениме дали би биле реалност" - вели Симонида Кацарска - Институтот за европска политика

Главна дилема е и Албанија која, според извори на МИА, ги подели европските земји за процесот на проширување. Дали двете земји ќе одат во еден пакет или одвоено. Евентуален компромис води кон тоа да се отпочнат преговори со Северна Македонија, а Албанија да почека подобри времиња, откако ќе ги испорача главните реформи. 

На ова прашање вчера се судрија и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Еди Рама, кој оваа идеја ја нарече неправедна, бидејќи како што рече, токму Албанците придонеле за демократскиот развој на земјава.

Познавачите пак, велат она што ги врзува двете земји е само временската рамка, па очекуваат посебни одлуки за двете земји. 

„Двете земји во никој случај не се споени, значи се разгледуваат во исто време. Формално, одлуките кои ќе следат во Бундестагот на пример се две посебни одлуки. ПОсебни се одлуките и во Холандскиот парламент како што видовме пред некој ден, Холандија е појасна во однос на тоа дека во овој момент не гледа дека ќе ги поддржи преговорите со Албанија, што во секој случај за Албанија креира потешка ситуација во однос нашата земја" - смета Кацарска.

Според Кацарска, доколку есенва нема датум за преговори, Европската Унија ќе го загуби својот интегритет за проширувањето бидејќи се коси со позитивната препорака, а кај нас ќе ја стави во прашање и европската визија на граѓаните. 

Премиерот Заев пак, од Преспа порача дека очекува датум во октомври, а до крајот на годинава и почеток на преговорите. Тој тоа вчера им го кажа и на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, но и напретседателот на Европскиот парламент на форум во Австрија. Конкретна порака и упати и на Унијата. 

Според познавачите, борбата со криминалот и корупцијата ќе и бидат главна мака и на Албанија, но и на земјава. За нас како последен аргумент на земјите кои се противат за почеток на преговори, може да е и недефинираната иднина на Специјалното јавно обвинителство. 

0 Коментари

Остави коментари