Експертите со порака општините домаќински да ги трошат ветените пари
Foto

Експертите со порака општините домаќински да ги трошат ветените пари

Парите кои Владата пред избори им ги вети на општините мора да се условени, сметаат економистите. Иако ова за познавачите е добар обид за да се направи промена во структурата на приходите велат залудно им се парите ако тие не се трошат за развој на општините. 

Општините во голема мера се зависни од централниот буџет. Според анализите на Фајнанс тинк во просек 76 проценти од приходите на општините доаѓаат по основ од трансфери од централниот буџет. 

„Забележуваме и понатаму на слабата развојна компонента која што е застапена кај општините, и во поголема мера трошење за често и за непродуктивни трошења, дури и некогаш класифицирани, како капитални расходи. Оттука смета дека овој закон може да придонесе овие дополнителни средства да бидат директно насочени кон таа развојна компонента, која што на долг рок е единствен начин, да обезбеди самоодржливост на општините.“ - вели Благица Петрески од Фајнанс тинк.

И додека Владата планира во наредните три години да се зглеми прагот на финансирање на општините од данокот на додадена вредност и персоналниот данок од 3 на 6 проценти – антикорупционерите алармираа дека градоначалниците неконтролирано трошат општински пари. 

„Иако се преземени низа чекори во насока на подигнување на стандардите и поголема контрола за трошењето на јавните средства  политичките партии без исклучок ги заобиколуваат законските рамки. Пример за тоа се низата активности на терен уште пред да почне кампањата, а постојат и дојави за злоупотреба на службените/државните ресурси.“ - велат од ДКСК.

Политичките партии со поделени мислења околу новите законски измени. За владејачките партии ова е добро законско решение и ќе даде позитивни ефекти. Опозиционерите пак обвинуваат - наместо за проекти парите се трошат недомаќински. За Алијанса за Албанците ова проблем кој не може да се реши со, како што велат, коземтички интервенции врз законот. 

„Козметичките интервенции врз законот не го решаваат проблемот, напротив ги продлабочуваат проблемите уште повеќе. Нашите општини се натрупани со компетенции без финансиско поткритие.“ - велат од Алијанса за Албанците.

До 2024 предвидено е приходите од персонален данок на доход да се зголемат од 3 отсто на 6 отсто, или сегашните 12 милиони евра, ќе се зголемат на речиси 26 милиони. Ќе има зголемување на приходите и по однос на ДДВ - и во овој случај за 50 отсто повеќе пари ќе влезат во општинските каси до 2024-тата од она што го добиваат досега. Наместо 45 милиони евра  за три години сумата ќе достигне 60 милиони евра.  

Вака спремно законското решение оди на усвојување во Собранието.

0 Коментари

Остави коментари