ЕБОР: По падот на БДП од 3,5 отсто годинава, раст на економијата во С. Македонија од 5,5 проценти догодина
Foto

ЕБОР: По падот на БДП од 3,5 отсто годинава, раст на економијата во С. Македонија од 5,5 проценти догодина

Во текот на 2020 година Северна Македонија ќе забележи пад на БДП од 3,5 проценти, како последица на економските последици од пандемијата на коронавирусот, по што следната година се очекува земјава да забележи економски раст од 5,5 отсто, се наведува во најновите макроекономски прогнози на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Во извештајот на ЕБОР, насловен „Регионални економски перспективи“, се посочува дека под претпоставка на краткотраен ефект од епидемијата на Ковид-19, последиците врз македонската економија ќе бидат „умерени“.

Банката наведува дека се очекува глобално економиите во просек годинава да имаат пад од 3,5 проценти, по што во 2021 година се очекува раст од 4,8 отсто, со напомена дека овие предвидувања не се сигурни поради неизвесноста со развојот на корона кризата.

Според главниот економист на ЕБОР, Беата Јаворчик за излез од кризата на глобално ниво, клучни се поголемата соработка и економска флексибилност.

– Кризата преставуваше голем удар и излегувањето од неа ќе претставува исто толку голем предизвик. Ова не е време за економски национализам и протекционизам, туку е време да се гради подобра иднина преку меѓународната посветеност кон слободната трговија, ублажување на климатските промени и економската соработка, нагласува Јаворчик.

Во извештајот се предвидува дека на долг рок корона кризата ќе има умерено влијание врз економијата, при што се очекува економскиот раст да продолжи кон крајот на третиот квартал од годинава, но се нагласува дека потенцијално и натаму се можно значајни долгорочни економски, политички и социјални ефекти од пандемијата.

Доколку мерките на изолација останат во пракса многу подолго од предвиденото, рецесијата може да биде многу поголема, па нивото на економски раст од 2019 година нема да може да се достигне во наредните неколку години, се посочува во извештајот.

0 Коментари

Остави коментари