Џовинаци останува во Алфа Ромео и во 2020 година
Foto

Џовинаци останува во Алфа Ромео и во 2020 година

Пилотот на Алфа Ромео, Антонио Џовинаци, ќе остане во тимот и во следната сезона. Тимот управуван од Заубер моторспорт групацијата реши да го задржи младиот Италијанец, кој дебитира за нив во оваа 2019 и на тој начин и за следната 2020 да го задржи истиот тандем, Кими Раиконен и Антонио Џовинаци.

Италијанецот имаше бавен почеток во новиот тим и не влеа доверба дека Алфа Ромео направила вистински потег со неговото ангажирање, меѓутоа во втората полусезона го навикна болидот и ги демонстрира квалитетите, „победувајќи“ го неколку пати и Раиконен во квалификациите. На три трки досега заврши во бодови, 10-ти во Австрија и во Сингапур, деветти во Италија и со вкупно четири на своето конто го држи 18. место во генералниот поредок. Имаше шпекулации дека Алфа Ромео ќе се реши да го ангажира Нико Хулкенберг за следната сезона, сепак го одбра 25-годишниот Италијанец и со тоа го реши прашањето за возачите за 2020, оставајќи го само уште Вилијамс со прашалник: кој ќе го замени Роберт Кубица?

Најверојатно, тоа ќе биде Канаѓанецот Никола Латифи, кој веќе се проба како тест-возач за Вилијамс. Тоа, пак, го остава Хулкенберг целосно надвор од Ф1 за следната сезона, се повеќе зацврстувајќи ги шпекулациите дека ќе се префрли во ДТМ, германскиот шампионат за комерцијални возила.

0 Коментари

Остави коментари