Џафери: Собранието мора да се прилагоди на новите услови за работа - што ако има земјотрес?
Foto

Џафери: Собранието мора да се прилагоди на новите услови за работа - што ако има земјотрес?

Претседателот на Собранието Талат Џафери нагласува дека мора да се најдат алтернативни решенија за работата на законодавниот дом во алтернативни услови, осврнувајќи се на новонастанатата ситуација со работата на пратениците во услови на пандемија на Ковид-19.

Џафери во интервју за Радио Слободна Европа говори за тоа како ќе работи Собранието, откако неколку пратеници се заразија со Ковид-19, а самиот тој кажа дека засега нема опција законодавниот дом да заседава онлајн и дека би се гласало по примерот со пратеникот Арбен Зибери во посебна кабина.

-Сега се најдовме среде пандемија. Што вели народот, не дал господ пожар, каде ќе работи Собранието? Со Уставот е тесно дефинирано дека Собранието работи во собраниската зграда, во таа и таа сала и што сега ќе останеме заробеници на тоа? Скопје и скопската котлина е трусно подрачје, гледано сеизмолошки. Во случај на земјотрес и поголемо оштетување на објектот, каде ќе се одржуваат седници? Не е дефинирано, вели собранискиот спикер.

Нагласува дека затоа сега кога се соочиле со оваа ситуација е неопходно да се размисли за резервни правила, како и на кој начин би ја извршувале пратеничката функција и во такви услови, што нема да биде замена за редовната работа.

-Но во секој случај пратениците, субјектите, политичките партии имаат за право да имаат пристап онаков каков што пристапиле кон оваа идеја. Јас опстојувам на фактот дека ако не сега, во идно време ќе мора да имаме алтернативни решенија за алтернативна работа во алтернативни услови. За нормални услови кој нормален човек би побарал да си работи од дома? Но, ситуацијата наметнува да размислуваме и за тоа, истакна собранискиот спикер.

0 Коментари

Остави коментари