Двојазични табли со новото име на државата по изборите
Foto

Двојазични табли со новото име на државата по изборите

Влада на Република Северна Македонија по претседателските избори на зградата ќе ги закачи буквите со новото уставно име бидејќи Изборниот законик не дозволува порано – најави генералниот секретар Драги Рашковски.

Тоа е процедура што налага тендерски постапки и можете да очекувате тоа да се случи по завршување на изборите, согласно тоа дека за време на избори тендерски постапки што не се во годишниот план за јавни набавки не може да се спроведуваат.“ - изјави Драги Рашковски – генерален секретар на Влада на РСМ.

Рашковски ја предводи и меѓуресорната група за спроведување на Законот за јазици. Вели дека паралелно со Преспанскиот договор, имплементацијата на двојазичноста тече без опструкции од институциите и нема ништо страшно во употреба на албанскиот јазик во администрацијата. Но според вицепремиерот Бујар Османи најголем предизвик во спроведувањето на законот ќе биде секојдневното преведување на документи, затоа помош ќе побараат од мултијазични земји, а ќе организираат и донаторска конференција.

„Треба да се внимава на секој збор, на секоја реченица, бидејќи тоа е документ врз основа на кој се добива некое право или пак се воспоставува некое правило. И тука ќе биде предизвикот бидејќи има многу институции – 1.300 институции што сега ги одбележавме, за во Централниот регистар да ги запишуваме тројазично.“ - изјави Бујар Османи – вицепремиер за европски прашања.

Агенцијата за спроведување на законот пак веќе почнува да функционира со кадар на генералниот секретаријат од Влада, а се подговтува и законот преку кој ќе се формира Инспекторат кој ќе врши надзор над спроведувањето, но и ќе казнува таму каде што законот нема да се почитува. Двојазичноста се официјализира во јануари кога собранискиот спикер Џафери го испрати во Службен весник само со неговиот потпис, бидејќи претседателот на државата Иванов го блокираше со џебно вето. За спроведување на законот, Владата си даде рок од шест месеци.

0 Коментари

Остави коментари