Државната М-НАВ „резервирала” работно место три години однапред
Foto

Државната М-НАВ „резервирала” работно место три години однапред

Македонска навигација резервирала работно место за поранешната претседателка на Надзорниот одбор, на кое таа требало да се појави дури по три години. Државната компанија, каде се земаат огромни плати, лани летото донела одлука Весна Павлов, вработена во Министерството за транспорт, да почне со работа кај нив, со одложена примена.

Одлуката за нејзиниот избор за вработување е донесена во јуни 2018 година, ја потпишал директорот Николче Тасески, кој како што стои во пријавата до Антикорупциска, сакал да ја награди зашто додека била претседател на Надзорниот одбор, во 2017 година противзаконски го избрала него и уште еден член на Управниот одбор. Ги разрешиле претходните членови на Управниот одбор и гласале за новите Тасески и Чепуњовски, иако Надзорниот одбор не бил запишан во Централниот регистар.

Пријавата до Антикорупциска ја доставил Јуни Зиба, чија ќерка била одбиена за вработување. Тој се сомнева на можна корупција. 

Телевизија 24 телефонски ја контактираше Весна Павлов, која вели дека нема ништо спорно околу нејзиното вработување. Таа очекува да седне во советничкото столче веднаш што добие одобрение од антикорупционерите.

„Во моментот на објавување и спроведување на огласот не бев член на НО. На огласот бев оценета со највисоки оцени од комисијата за избор и затоа бев избрана. Почитувајќи ги законските прописи за евентуален судир на интереси, а поради не постоење во тоа време на Антикорупциска комисија која е единствено надлежна за ова прашање, одлуката за избор беше ставена во мирување се до формирање на Антикорупциска комисија и нејзино произнесување“ - тврди Павлов.

Директорот Тасески ги отфрла обвинувањата и вели дека не враќа никому услуга. Тврди дека минатиот четврток Павлов самата побаралала да се повлечена одлуката за нејзиното вработувањето и тој го направил тоа. 

„Бидејќи за именуваната се чекаше мислење од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК),  но истиот подолг период не го добивме, поради што беше донесена Одлуката за поништување на конкурсот за едно работно место“ - велат од М-НАВ.

Дали Управниот одбор е избран противзаконски, од М-НАВ се воздржани, упаатуваат на Владата, како најголем акционер. Од Антикорупциска велат дека ќе ја разгледаат пријавата на јавна седница веднаш што таа биде ставена на дневен ред. Во меѓувреме, Весна Павлов е ангажирана хонорарно како надворешен соработник во М-НАВ.

0 Коментари

Остави коментари