Државата проверува дали се заштитени како споменици на културата куќите во Велес
Foto

Државата проверува дали се заштитени како споменици на културата куќите во Велес

Државата проверува дали се заштитени како споменици на културата куќите во Велес, кои од минатонеделните дождови почнаа сами да се уриваат.

Се чека тим од Националниот конзерваторски центар да направи проверка во регистерот, но и увид на местото, за да ги утврди штетите на куќите. Директорот на управата Ацо Костов за Телевизија 24 вели дека ќе се прават напори овие куќи да се сочуваат како целина.

Сепак, куќата на Настеви, која вчераутро почна сама да се урива нема статус на културно наследство, па нејзините сопственици најавија дека деновиве ќе ја уриваат. И оваа, како и останатите куќи во оваа улица изобилува со автентична архитектура, која со уривањето неповратно ќе се изгуби. Костов вели дека ова е последица на децениската негрижа на државата за културното наследство.

Но, и покрај тоа што поминаа осум месеци од пожарот во кој целосно изгоре една од најубавите велешки архитектури, куќата на Паунови кај Варналиите, Костов не знае до каде е нејзината реставрација.

Откако Велес лани во пожар изгуби дел од Варналиите, сега невремето почна да ги уништува и куќите од спротивната страна, во старото градско јадро, во близина на едно од најстарите училишта во земјава Свети Кирил и Методиј, во улицата во која се наоѓа и родната куќа на револуционерот Панко Брашнаров.

0 Коментари

Остави коментари