Домашните телевизии остануваат на „програмата“ на операторите, одложен најавениот прекин за реемитување
Foto

Домашните телевизии остануваат на „програмата“ на операторите, одложен најавениот прекин за реемитување

Стапувањето во сила на одлуката на Здружението на информатичко-комуникациските технологии за прекин на реемитување на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март на полноќ, со исклучок на каналите на јавниот сервис МТВ1, МТВ2 и собранискиот канал, е одложено.

Ваквата одлука е донесена по вчерашната средба на премиерот Оливер Спасовски и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски со претставници на Здружението на информатичко-комуникациски технологии, кое ги обединува сите телевизиски оператори.

Одлуката за одлагање на прекинот на реемитувањето, како што соопшти владината прес-служба, е донесена со оглед на можностите што се гледаат во изнаоѓање решение во скоро време, како и свесноста од сите страни за решавање на прашањето, согласно интересот на државата и на граѓаните.

Одлуката за прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, Здружението на информатичко-комуникациските технологии ја донесе во четвртокот, со цел, како што соопшти, за да се остави простор за изнаоѓање законско решение во интерес на граѓаните.

 

Операторите најавија дека прекинот на реемитување на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон правна сила, според нив, спорните законски одредби кои го оневозможуваат нормалното работење на целата индустрија.

Ваквата одлука на членките на Здружението на ИКТ уследи по последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), кои според нив биле донесени нетранспарентно и избрзано и со кои на операторите им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат.

Петте национални телевизии здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), ваквата најава за прекин на реемитување на сите ТВ канали, со исклучок на тие на јавниот сервис, ја оценија како апсурдна, паушална и незаконска.

Тие апелираа операторите да ја преиспитаат најавата, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период.

0 Коментари

Остави коментари