ДКСК отфрли два, прифати еден приговор поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова за Македонија”
Foto

ДКСК отфрли два, прифати еден приговор поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова за Македонија”

Државната комисија за спречување на корупција на денешната 32 седница разгледа три приговори, сите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова за Македонија”, по што одлучи по една да покрене иницијатива за утврдување на одговорност на министерот за здравство Венко Филипче, а останатите две против Министерството за земјоделие и Агенцијата за млади и спорт ги одби како неосновани.

Во приговорот, како што образложи Нури Бајрами од ДКСК, се изразува сомнеж дека на 27 јуни годинава патничко возило во сопственост на Агенција за разузнавање било вклучено во предизборни активности на СДСМ во Штип и се бара од ДКСК да се санкционира одговорното лице.

– Во прилог на приговорот е доставена фотографија од возило во колона на други возила, со објаснување дека е вклучено во предизборни активности на коалицијата „Можеме“ и тоа во неработен ден. ДКСК побара образложение од директорот на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу, и во писмено известување беше кажано дека возилото е донација од Кина и согласно препораките таквите донации се отстапени во користење на повеќе државни органи, меѓу кои и на Министерството за здравство, изјави Бајрами.

Поради краткиот временски рок, ДКСК на ден 6 јули се обратиле до Министерството за здравство, од каде им бил испратен само договорот за отстапување на тоа возило од Агенцијата за разузнавање и телефонско објаснува дека тоа возило е возено тој ден од министерот Венко Филипче, но не како што се наведува во приговорот на 27.06, туку на 28.06.

– Во телефонското објаснување се вели дека тоа возило е возено од министерот, кој претходно во Штип извршил работи и работни задачи од своја надлежност, но учествувал и во претставување на програмата на коалицијата „Можеме“ заедно со носителот на ИЕ3 Љупчо Николвоски и претседателот на СДСМ Зоран Заев, изјави Бајрами.

Во конкретниот случај, посочи Бајрами, се констатира дека е прекршен член 33, став 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

– Наводите од приговорот се потврдени. Приговорот се прифаќа и согласно тоа ДКСК во рок од 15 дена треба да покрене иницијатива до Владата за утврдување на одговорност на министерот за здравство Венко Филипче, изјави Бајрами.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, претходно, како прва точка го образложи приговорот за сомневање сторена повреда од Изборниот законик и Законот за спречување на корупција и судир на интереси од страна на одговорни лица во Минитсерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од лицата Зоран Заев и Љупчо Николовски, бидејќи е овозможено да се одржи партиски и јавен настан настан на 20 јуни годинава за промоција на објект финансиран од буџетски средства – изградба на брана Коњско и промоција на предизборна политичка кампања со учество на партиски членови на СДСМ и коалицијата „Можеме“.

– Според наводите од одговорните лица од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство сметаат дека не е сторено кривично дело, бидејќи не станува збор за пуштање или промоција на објект финансиран со буџетски средства, како и дека станува збор за настан одржан во време на вонредна состојба во период кога не важат членовите 8 од Изборниот законик и член 24 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, изјави Ивановска.

ДКСК, посочи Ивановска, смета дека настанот одржан на 20.06.2020 е одржан во време на вонредна состојба, поради што наводите во овој предмет не се реални и дека станува збор за предвремено започната кампања, поради што ќе се препрати до ДИК.

Како трета точка на дневен ред, ДКСК го разгледа и приговорот поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција “Обнова за Македонија” преку овластен потписник Игор Јанушев на 2 јули 2020 година, но го одби како неоснован.

Владимир Георгиев, член на ДКСК, образложи дека во наводот се изразува сомневање дека е сторена повреда од Законот за спречување на корупција од страна на Агенција за млади и спорт и директорот на агенцијата Дарко Каевски со објавувањето на конкурсот за за финансиска поддршка на фондации и здруженија за поддршка за соочување со последиците од КОВИД-19 насочени кон младите.

Подносителот смета дека со објавување на огласот по денот на објавување на изборите и дека огласот ќе се затвори на 29. 06 неспорен е фактот дека се планира исплата на средства и се остава можност за ветување на корупција.

Во известување од Агенцијата за млади и спорт и директорот Дарко Каевски, се вели дека Владата има донесено уредба со законска сила за финансиска поддршка на млади. Според Агенцијата во конкретниот случај, согласно уредбата и во време на вонредна состојба, само е отворен конкурс и не е извршена исплата со кое би се направила повреда на законот. Актуелниот директор Каевски, до ДКСК достави и изјава со која до завршување на предвремените избори нема да биде донесено решение за одредување на резултатите од повикот и дека нема да бидат потпишани договори за реализација на проектот.

 

– Од содржината на приговорот и изјаснувањето од Агенцијата за млади и спорт сметам дека не се потврдуваат наводите и сомневањата за прекршување на одредби од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупција и се одбива, изјави Георгиевски. 

0 Коментари

Остави коментари