Дивоградби на брегот на Бабуна
Foto

Дивоградби на брегот на Бабуна

Дива населба со стотина куќи никнала на крајбрежјето по долниот тек на реката Бабуна, близу Велес, а државата е немоќна да го регулира незконското градење во заштитениот појас. Куќи има речиси до месноста Пешти, прогласена за споменик на природата. Екологистите веќе 20 години предупредуваат дека поради негрижа, овој локалитет за навек ќе ја загуби својата убавина.

Законите во Македонија не дозволуваат градење во заштитен појас. Но, појавата на законот за легализација на дивоградбите создаде противречност меѓу нив. Токму на овој закон, кој е лекс специјалис и е над сите други закони од оваа област, се повикуваат сопствениците на овие објекти. Најголем дел од нив веќе поднеле барање за легализација.

Од Министерството за транспорт не добивме конкретен одговор како треба да постапуваат општините. Наместо тоа, тиe го цитираат законот за постапување со бесправно изградени објекти.

„Доколку е поднесено барање за бесправен објект кој е изграден во заштитен крајбрежен појас, барателот е должен да достави и изјава заверена на нотар, со која ќе потврди дека е согласен да се утврди правен статус на бесправниот објект на негова одговорност и нема да бара надомест на штета од надлежен орган при елементарна непогода како и дека ќе ја надомести секоја штета врз животната средина настаната од влијанието на предметниот објект.“

За екологистите, овој закон донесе повеќе штета, отколку корист. Поради прекрасните платaнски дрвја и живописниот предел, општина Велес овој локалитет уште пред две децении го прогласи за место со карактеристичен пејсаж, а карпите наречени Пешти за споменик на природата. Но, за посетителите тоа како да не значи ништо.

За да се спаси овој, но и другите локалитети низ Македонија загрозени од дивоградби, екологистите предлагаат прогласување на што повеќе национални паркови. Во меѓувреме, градоначалниците преку ЗЕЛС ќе предложат законски измени, кои ќе овозможат луѓето да уживаат во природата, без да ја уништуваат.

0 Коментари

Остави коментари