Димитров: Меморандумот на Бугарија не е во функција на градење блискост, пријателство и заедничка иднина
Foto

Димитров: Меморандумот на Бугарија не е во функција на градење блискост, пријателство и заедничка иднина

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров оценува дека Меморандумот на Бугарија во определни делови е многу навредилив и дефинитивно не е во функција на градење на блискост, пријателство и на заедничка европска иднина.

-Не можам да кажам дека читајќи го и препрочитувајќи го дека немам проблеми со текстот. Имам големи проблеми, во определени делови е многу навредлив. И дефинитивно не е во функција на градење на блискост, на пријателство, на заедничка европска иднина. Меѓу другото, Бугарија од членот 2 од Договорот за пријателство има обврска и да ни помага во процесот на европска интеграција. Ние почнавме еден многу сложен, но многу благороден процес на заедничко растење и овој тон и определени тврдења не помагаат, прават пречки. Идејата на договорот беше да се создадат механизми како да се решат отворените прашања без притоа тие да станат пречка на европскиот пат, рече Димитров вечерва во интервју за „360 Степени“, прашан дали е изненаден од тонот во документот.

Според неговите сознанија, овој документ засега не произведува последици во процедурата која е во тек во ЕУ, односно консултации на земјите членки по текстот на предлог-преговарачката рамка што првично ја подготви Европската комисија.

-Во моментов работите одат на линија на принципиелната позиција на ЕК, којашто излезе во македонската јавност, и во однос на македонскиот јазик и во однос на тоа како билатералните прашања се поставени во структурата на идната преговарачка рамка, наведе Димитрив.

Сакаме, потенцираше, целосно  да го спроведеме Договорот, бидејќи тој е правната рамка која ја потпишавме и ратификувавме и ние и бугарската страна и којшто е основа да стасаме таму каде што треба да стасаме. -Неколку од тврдењата, позициите во овие документи не се баш на линија на договорот за пријателство, забалежа Димитров дополнувајќи дека пријателството и градењето добри односи се двонасочна улица.

Треба, вели, да има иницијативи, до декември нема многу време, треба да се сретнуваме, да разговараме, да има обиди низ Комисијата во рамки на тоа што е пристојно да се разговара.

Прашан колку е убеден навистина дека до декември ќе се случи првата Меѓувладина конференција истакна дека тоа прашање  не треба да се потценува. -Нема многу време, не е ни дека нема воопшто. Наше е да направиме се што можеме да најдеме начин и Бугарија да биде таа што ќе дигне рака за нашата прва Меѓувладина конференција, рече Димитров.

Во однос на тоа дали би прифатил јазикот да биде именуван како македонски јазик со Астерикс согласно Уставот на РСМ, наведе дека заслужуваме нашите соседни комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота.

-Билатералниот договор со Бугарија е целосно реципрочен. Каква е формулацијата за македонскиот јазик, таква е формулацијата и за бугарскиот јазик. И таму вели македонскиот јазик согласно Уставот, тогаш во тоа време на Република Македонија, беше овој договор прв, бугарскиот јазик согласно Уставот на Република Бугарија. Ние, мислам дека не е нескромно и е сосема легитимно да очекуваме од тие што сакаат да бидат блиски со нас од нашите комшии и први соседи како што почнува Крушевскиот манифест – драги комшии, мили соседи, да бараме третман којшто нема да не носи во една непријатна ситуација. Да не бидеме исклучок од правила. Ние заслужуваме нашите соседи и комшии да не не стават во ситуација да имаме некаква си фуснота и во таа смисла македонскиот јазик којшто се разбира е во согласност со Уставот ама е во согласност и со направената кодификација е наша работа, рече Димитров.

0 Коментари

Остави коментари