Димитров: Брисел мора да ја препознае и награди успешната приказна
Foto

Димитров: Брисел мора да ја препознае и награди успешната приказна

Северна Македонија очекува да добие зелено светло од ЕУ и годинава да ги почне прегoворите за членство, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за „Фајненшел тајмс“. Смета дека Брисел мора да ја препознае успешната приказна и да не ги отфрла аспирациите на Скопје за евроинтеграција, бидејќи во спротивно би ризикувал да го загуби влијанието на Балканот и би ги зајакнал ривалите во регионот.

– Кога постои добар пример [за преговорите за пристапување], тој треба да биде препознаен и награден. Ако тоа не се случи, тогаш моќта на ЕУ станува слаба, вели Димитров, истакнувајќи дека Западниот Балкан сега е „сцена на геополитичко натпреварување” во кое се вклучени Пекинг и Москва.

Според него, ако Европа не може да направи разлика на Балканот, тогаш тешко е да се замисли како тоа ќе направи разлика на друго место.

– ЕУ ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува да ги зајакне ривалите како што се Русија и Кина ако не го одобри „уверливиот случај” на Северна Македонија и не донесе одлука да започне преговори за пристапување на земјата. Ќе биде тешко да разговараат со крената глава за трајни поблиски врски меѓу Брисел и регионот, ако земјите-членки на ЕУ не успеат да ја потврдат одлуката за започнување на процесот на пристапување, истакнува Димитров.

„Фајненшел тајмс“ потсетува дека останува да се види дали Франција, Германија и Холандија ќе ги поддржат аргументите на многу европски дипломати дека балканската земја ги исполни обврските, вклучувајќи го и договорот за името со кој беше ставен крај на деценискиот спор со соседна Грција.

Димитров вели дека не може лесно да ја разбере загриженоста кај некои во ЕУ, и нагласува дека  Северна Македонија создаде атмосфера во која би било речиси срамно да не се постигне консензус за нејзиниот случај.

Потсетува дека земјата направи „очигледен пресврт на подобро” со решавање на отворените прашања и продлабочување на реформите. Смета дека земјите од ЕУ годинава не можат едноставно да го игнорираат нашиот случај и да не ги признаат успешните приказни, бидејќи нив денес ги нема премногу.

Димитров предупредува дека одбивањето од страна на ЕУ ќе го наруши кредибилитетот на владата во Скопје и ќе ги зајакне националистичките сили. Тоа ќе биде обесхрабрувачки и за оние кои се обидуваат да ги решат другите важни билатерални спорови со кој се соочува регионот по распадот на поранешна Југославија, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров за „Фајненшел тајмс“.

0 Коментари

Остави коментари