Дел од бизнисмените со критики околу „Мал Шенген“
Foto

Дел од бизнисмените со критики околу „Мал Шенген“

Различни толкувања за „Малиот Шенген“ кој денеска како акциски план доби поддршка само од Заев, Рама и Вучиќ.

Дел од претставниците на коморите воздржани и со предупредувања до власта – дека мора да ја штити националната економија. Анализираат дека иницијативата има смисла само ако целиот Западен Балкан е дел од неа. 

Дриљон Исени од Комората на Северозападна Македонија во телефонска изјава вели дека „Малиот Шенген“ сепак не смее да биде замена за евроинтеграциите на земјава.

Дел од претставниците пак на Стопанската комора велат дека дел од мерките нема да значат некакви драстични промени за земјава со оглед на тоа што нашите државјани веќе патуваат со лични карти во многу земји од регионот. 

Антони Пешев од Комората во краток разговор за ТВ24 вели:

„Земјава е само катализатор во оваа ситуација но секое олеснување во движењето и транспортот на стоките е добредојдено сега кога ЕУ и не е така блиску како што до пред извесно време ни изгледаше. Што ќе значи овој план за политиките на бизнисот до прва ќе треба да се утврди бидејќи ова решение е на самиот старт“ - вели Антони Пешев.

Од Сојузот на стопански комори пак веќе неколку пати до сега го изнесоа својот став околу ова решение кое го оценија како изговор кој не нуди широки можности. 

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска до сега во неколку наврати пак потенцираше дека со самиот факт што сме дел од Западен Балкан, земјава е изолирана, а сега во уште помал формат ќе се изолира во „Мал Шенген“ со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. 

Ставот на Арсовска беше дека ова е ретрограден став за Србија, Македонија и Албанија и како идеја треба да згасне, а не да се реализира.  

Телевизија 24 консултираше и извозници кои велат дека секое решение кое значи олеснување на движењето и трговската размена е добредојдено, но не се во целост оптимисти дека со овој акцискиот план ќе се оди до крај. Велат уште поолеснителна околност би било во овој мал таканаречен шенген да бидат вклучени повеќе земји од Западен Балкан.

0 Коментари

Остави коментари