Дејвид Гир: Природното и културното наследство на охридскиот регион мора да се зачува
Foto

Дејвид Гир: Природното и културното наследство на охридскиот регион мора да се зачува

Владата и институциите идниот период да работат попосветено и покоординирано за спас на Охридскиот регион порача денеска од Охрид евроамбасадорот Дејвид Гир изразувајќи загриженост за најновиот нацрт извештај на Унеско и строгите забелешки упатени и кон централната и локалната власт за тековната состојба на природното и културното наследство.

„Самото сочувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион изискува силна владина посветеност за имплементација на сите тие препораки,поголема координација помеѓу одговорните министерства и другите институции.Сето тоа бара и ангажман на национално и на локално ниво кој што ќе треба да биде поддржан од соодветна буџетска поддршка.Toа треба да биде национален оперативен зафат кој ќе ги обедини сите чинители во општеството,партнерство меѓу властите, цивилното општество локалните заедници и бизниси.” - изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Општина Охрид веќе ги изготвила одговорите на нацрт верзијата на Извештајот. Истите се испратени до Влада а од таму деновиве ќе бидат адресирани до канцеларијата на УНЕСКО. Но,што напишала општина Охрид, а што ќе констатира Владата засега е непознато.

Градоначалникот Георгиевски останува на ставот дека до бришење на статусот нема да дојде, а дека ставањето на регионот на листата на загрозени подрачја ќе допринесе кон побрзо исполнување на препораките.

„Ставањето на Охрид на листа на опасност воопшто не е трагедија како што е претставено,доколку се случи такво нешто ние треба да ги дуплираме нашите напори и како локална самоуправа и како држава да направиме план сите препораки побрзо да ги имплементираме.” - рече Константин Георгиевски градоначалник на Охрид.

Во фокусот на најострите забелешки на Унеско кон Охрид и регионот и понатаму се дивоградбите, нелегалните депонии, узурпацијата на брегот и загадувањето на езерото. Од идните чекори на Властите по однос на овие прашања ќе зависи и одлуката на организацијата.

0 Коментари

Остави коментари