(Де) блокирана сметка?
Foto

(Де) блокирана сметка?

Пресврт во земјоделскиот комбинат Пелагонија. Извршителите кои ја блокираа сметката на комбинатот поради долг од околу 37 милиони евра, сега чекаа сигнал од банките да ја деблокираат. Телевизија 24 дознава дека бил одржан состанок на високо ниво меѓу доверителите и директорите на Пелагонија. Првите луѓе на банките кои дале кредити на комбинатот сега се договориле да ја одложат наплатата на долговите на одредено време. Да ја остават компанијата да работи под строг мониторинг за да може таа да остварува профит и да ги враќа кредитите. Целата блокада е сензитивна зашто треба да се води сметка и за илјадниците грла крави, овци и јагниња кои не можат да преживеат ако сметката на фирмата е блокирана. Од Пелагонија ја потврдуваат веста за договорот со доверителите. Во финансискиот извештај што групацијата ЗК Пелагонија го доставила до Македонската берза стои дека најголемиот кредит во висина од 10 милиони евра е земен од Стопанска банка Скопје.

Од НЛБ кредитот е 8,3 милиони евра,Стопанска банка Битола 3,2 милиони евра,

Комерцијална 1.5 милион евра.

Кредит има и од Орка Холдинг во висина од 3.4 милиони евра.

На крајот на минатата година групацијата има неплатени обврски кон добавувачи во висина од 17 милиони евра. Во Битола деновиве се чувствува тензична атмосфера. Сите се во исчекување на исходот со ЗК Пелагонија. Битолчани велат дека евентуалната пропаст на земјоделскиот комбинат би имало несогледливи последици во целиот регион. Без работа би останале над 600 работници, но ќе бидат повлечени и илјадници други семејства кои индиректно се поврзани со работата на Пелагонија.

На крајот на 2017 година комбинатот имал над 3 илјади крави и 1.300 овци и 60 илјади килограми риба, а продале над 700 телиња и уште толку јагниња. Пелагонија од државата користи над 17 илјади хектари земјоделско земјиште. Со години добива најмногу пари за државни субвенции за земјоделско и сточарско производство. Податоците од Македонската берза покажуваат дека ЗК Пелагонија 2017 година ја завршила со добивка од 1,5 милион евра.

ЗК Пелагонија од џин во македонскиот агро-бизнис, сега е дел од фирмите опфатени со истрагата за случајот Империја. Двајца членови од бордот на директори завршија во притвор – Зорица Арсовска и Цветан Панделески. За кредитите од банките под залог и хипотеки комбинатот ги има ставено имотот и опремата, механизацијата, силосите, па дури и говедата.

0 Коментари

Остави коментари