Даночни реформи за спас на економијата
Foto

Даночни реформи за спас на економијата

Богатите да плаќаат повисоки даноци, а персоналниот треба да се намали во одредени дејности, ова е ставот на Битиќи по вчерашната препорака од МАНУ да се зголемат одредени даноци како опција за побрзо закрепнување на економијата.

Иако прогресивното оданочување се одложи за 2023-та уште кога во Министерството за финансии седеше Нина Ангеловска, сега Битиќи не ја исклучува можноста да биде вратено и порано. Сепак за сите даночни реформи ќе се чека да завршат консултациите кои најверојатно ќе траат шест месеци. Од дебатите со експертите ќе се знае дали има потреба од воведување и на кризен данок како што беше ситуацијата во 2001 година. 

„Даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување, јас велам - зошто да не. Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати. Заради идеолошкото верување, сметам дека треба да има прогресивно оданочување. Богатите треба да платат и да вратат на посиромашните. Ако тоа значи воведување на нов данок за посиромашните, велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено“, рече Битиќи. 

МАНУ ѝ препорача на Владата и посилна борба со сивата економија и даночната ерозија. Но и кратење на владините непродуктивни трошоци, како набавка на возила и мебел, за полесно справување со постковид предизвиците. Но Битиќи смета дека владината набавка на 45 владини возила преку оперативен лизинг било во моментов најекономично решение.

Набавката на владините возила ќе биде под лупа на антикорупционерите. Тие ќе истражуваат дали изнајмувањето на неколку години е навистина исплатливо или пак е нерационално трошење на парите на граѓаните, како што предупредија дел од експертите. Последната набавка на владини возила преку оперативен лизинг беше во 2018та година. Тендерот го доби компанијата Порше лизинг која за речиси 1,8 милиони евра три години изнајмуваше 45 возила Фолсваген Пасат за владините функционери.

0 Коментари

Остави коментари