Дали Бугарија ќе го смени ставот кон Македонија по изборите?
Foto

Дали Бугарија ќе го смени ставот кон Македонија по изборите?

Стрелите од Софија кон Скопје стануваат се поостри и фокусирани со наближување на бугарските избори во март. Но, дали воопшто нешто ќе се промени во однос на бугарската политика и со новата Влада во Софија?

Шефицата на бугарската дипломатија Захариева денеска испрати нови пораки до македонската Влада, со порака да не полагаат големи надежи дека ќе се случат големи промени по месец март.

- Идејата дека нешто ќе се промени по изборите во нашата земја е погрешна. Наместо тоа, ако нешто се промени, ќе им биде полошо. Еден од предусловите да се направи нешто и да се почне разумно да се работи за решавање на проблемите е да се намалат емоциите. Колку повеќе зборуваме без емоции, толку повеќе шанси имаме да ја завршиме работата. - изјави Екатерина Захариева МНР Бугарија.

Претседателот на македонскиот Совет на амбасадори, Љупчо Арсовски е прилично песимист за исходот од преговорите, порачувајќи дека во одредени фази се чини како македонската Влада да сака да и помогне на сегашната Влада да победи на изборите, затоа што оваа гарнитура на Борисов е најприфатлива за решавање на спорот. Но, тој порачува- надежите на Владата на Заев се залудни.

- Напротив, може ќе дојдеме во уште потешка фаза, во која ќе се закочат сите работи. Зошто го велам тоа? Затоа што бугарската страна, врз основа на нејзината Декларација во парламентот , врз основа на Меморандумот, кој е практично производ и елаборирање подробно на она што едногласно, наводно е донесено во Бугарскиот парламент. И од тука па натаму, тоа е за нив, како што во црквата се вели - Оче наш. - изјави Љупчо Арсовски претседател на Совет на амбасадори.

Изминатиот период, особено по ветото во декември, македонската Влада зад затворени врати и без детали за јавноста, дискутира и разменува документи со Софија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак обвинува за распродажба на идентитетот.

Христијан Мицкоски ВМРО 11мин 29сек – Се дискутира за македонскиот идентитет. Секој политичар кој ви вели дека не се дискутир, лаже и манипулира со македонската јавност. Да, на маса, покрај бизнисот, што е за мене несфатливо како политичар, е и македонскиот идентитет.

Од Владата тврдат дека не се дискутира за идентитетски прашања и дека во следниот период нема да се дава политичка храна на бугарските политичари за предизборна кампања-

- После тие избори во Бугарија, без разлика кој и да победи, каков и да биде резултатот, се разбира дека ќе продолжат напорите за надминување на овој спор. Дијалог и разговор ќе има. Но апсолутно во ниту еден момент и како Влада нема да дозволиме во овој случај да биде, злоупотребен и искористен од некои од политичари од Бугарија за внатрешна употреба. - изјави Едмонд Адеми советник за надворешна политика на премиерот.

Прстот на Адеми е вперен кон бугарскиот вицепремиер Каракачанов, на кого последните анкети за изборите во март не му се наклонети. Иако македонската јавност слуша најмногу остри пораки од бугарскиот вицепремиер Каракачанов, кои се спротивставуваат на македонскиот идентитет.

Сепак, ставовите и на останатите бугарски политичари не се разликуваат премногу, како оние на претседателот Румен Радев кој е од партијата на социјалистите и е главен политички опонент на Борисов. Во последната изјава, Радев порача дека патот на Македонија кон ЕУ води само преку Софија.

0 Коментари

Остави коментари