Црвенковски: Ако летово не добиеме датум за преговори, тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамки на ЕУ
Foto

Црвенковски: Ако летово не добиеме датум за преговори, тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамки на ЕУ

Доколку ова лето не добиеме датум за преговори за мене тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамките на ЕУ и не само визија за иднината на Западен Балкан, туку и визија за иднината на самата ЕУ и целиот европски континент, е пораката упатена од поранешниот претседател Бранко Црвенковски на денешната регионална конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“, што се одржа во Скопје.

Минатата година, потсети, се потпиша Преспанскиот договор, со што подвлече, се елиминираше најголемата пречка во процесот на нашето евроатланстко интегрирање. Додаде дека промената на нашето уставно име и тоа за севкупна употреба беше болна и драматична за голем број наши граѓани што се потрврди, нагласи тој, и на референдумското изјаснување.

– Недобивањето датум за почеток на преговорите во јуни ќе предизвика големо разочарување, но и сериозно нарушување на кредибилитетот на ЕУ и на македонската Влада во очите на македонскиот народ и на сите граѓани на нашата земја, потенцира Црвенковски.

Истакнувајќи дека оваа година ја добивме десеттата по ред препорака од страна на ЕК за почеток на преговорите, се осврна на тоа оти девет пати претходно препораката не беше прифатена  и, како што рече, стравуваме оти тоа може да се повтори и по десетти пат на јунскиот Самит.

Зарем е можно, праша Црвенковски, земјите членки да демонстрираат толкава недоверба во извештаите и препораките на сопствената и од нив избрана Европска Комисија.

– Ние не бараме незаслужена награда, туку бараме и очекуваме да ни се пружи заслужена шанса да го почнеме процесот. Свесен сум дека на домашен план имаме големи слабости во многу области, знам дека некои од неопходните реформи доцнат или се спроведуваат со дискутабилен квалитет, порача Црвенковски и потсети дека нашата земја својот кандидатски статус го стекна во далечната 2005 година, пред цели 14 години.

Изрази убедување дека токму отворањето на преговорите и соработка инсистирањето на исполнување на неопходни услови, наметнување рокови ќе биде поголем импулс за спроведување брзи и квалитетни реформи и исполнување на неопходните критериуми и стандарди.

– Ние од овој регион, често пати не сме подготвени, ниту пак имаме волја да спроведуваме сериозни и болни реформи, ако не сме изложени на сериозен притисок од надвор. Ете, затоа верувам дека за сите нас процесот на преговори е исто толку важен, ако не и поважен од самиот чин на пристапување во полноправно членство во ЕУ, кажа Црвенковски, пред присутните од Подгоричкиот клуб на поранешни претседатели и премиери на земјите од регионот.

Според него, да се биде поранешен претседател или премиер значи дека се говори во свое лично име, а не во име на официјална власт на државата, но тоа, подвлече, не ја намалува одговорноста, но ја зголемува слободата во искажувањето на сопствените ставови.

 

0 Коментари

Остави коментари