Црниот рид со троска во близина на велешката топилница може да предизвика свлечиште
Foto

Црниот рид со троска во близина на велешката топилница може да предизвика свлечиште

Велешани имале огромна среќа што ридот со троска досега не се свлекол и не предизвикал затрупување на куќи, земјоделско земјиште, па дури и на реката Вардар, трвди Ранко Шчекиќ, првиот човек на српската компанија Кепс монт груп, која ќе ја транспортира троската во Малезија.

Тој вели дека овој отпад во текот на три децении додека работеше топилницата е нестручно одлаган, а подоцна е затрупуван со комунален, индустриски и градежен отпад. Тоа ќе биде проблем, па затоа копањето и транспортот ќе се одвиваат многу внимателно, а целата процедура ќе трае најмалку четири години.

Првите камиони натоварени со троска кон солунското пристаниште ќе тргнат за два до три месеци, откако тука ќе се инсталира опремата за експлоатација. Од Кепс монт тврдат дека се преземени сите мерки да не дојде до ново загадување при товарањето и транспортот.

Откако ќе ја транспортира троската, концесионерот Кепс монт ќе ја исчисти и почвата на која лежи овој рид и ќе засади растенија кои преку коренот ги извлекуваат тешките метали. Освен еколошки, Велес ќе има и економски бенефит, бидејќи за транспорот ќе се ангажираат сите велешки превозници кои можат да одговорат на стандардите.

Ридот во себе содржи 1,8 милиони тони отпад од топењето на олово-цинкова руда. Највреден метал кој го содржи е цинкот, застапен со 10 проценти. Ридот со троска е втората најжешка еколошка точка во земјава, а прва која почнува да се решава.

0 Коментари

Остави коментари