Член на Судскиот совет под обвинение - Маричиќ има полна доверба во советот
Foto

Член на Судскиот совет под обвинение - Маричиќ има полна доверба во советот

Ниту обвинението за еден прочистувачите во судството не влијае врз министерот за правда да се посомнева во кредибилитетот на овој процес. Бојан Маричиќ со полна доверба гледа во Судски совет кој го спроведува прочистувањето.

Зоран Теофиловски деновиве од Кривичен очекува одлука дали ќе му се суди за злоупотреба со приватизација на земјиште во Тетово, а во Судски совет тековно анализира дали некој од колегите - судии во цела држава биле стручни и професионални или треба да крене рака за нивно разрешување. За неговата евентуална одговорност министерот Маричиќ вели остава да се справат и во Судски совет.

- Треба да се остави простор на правосудните органи да го расчистат до крај, мислам дека и самиот судски совет ќе изнајде начин како да се справи со одговорноста, потенцијалната одговорност но не може за еден член да се удри печат на судски совет. - изјави Бојан Маричиќ.

Теофиловски и уште шестмина ги гони обвинител за организиран криминал. Обвинението беше испратено во кривичниот суд пред две недели. Им се става на товар дека нанеле штета на државата во висина од над 350 илјади евра. Во периодот од август 2011 година до декември 2012 како прв човек на Љуботен се послужил со лажни документи за незаконска легализација и приватизација на државно земјиште во Тетово. За 43 денари за метар квадратен било откупено земјиште од над 4400 м2.

Европската унија детално ќе го следи секој чекор на најавеното прочистување, најавува евроамбасадорот Дејвид Гир. Од ефективно спроведување на овој процес зависи довербата во институции и владеењето на правото.

- Треба да се осигураме дека тие институции кои ќе го спроведат прочистуавњето ќе го прават тоа ефективно со принципи и начела. И тоа е основното за владеење на правото и за добивање на довербата во тоа владеење на правото. - изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Министерот за правда уште еднаш порачува дека нема недопирливи, па дури и процесот против прочистувачот Теофиловски е доказ за тоа.

По новата методологија е разрешена само една судијка, Весна Кичеец од Охрид. Судскиот совет одлучи дека нестручно и несовесно работел и судијата Трајче Скрчески од охридскиот суд, кој сега веќе е во пензија.

0 Коментари

Остави коментари