Чиј е Гоце Делчев?
Foto

Чиј е Гоце Делчев?

Заедничкото чествување на Гоце Делчев за кое македонската и бугарската страна излегоа со различни видувања во рамките на мешовитата експертска комисија за историја и натаму ги дели ставовите на експертите и историчарите во Скопје и Софија. 

Поранешниот претседател на Бугарија кој имаше два мандата, Георги Прванов, за националната телевизија БНТ изјави дека за проблемите околу личноста на Гоце Делчев било алармирано уште пред неколку месеци и дека Заедничката историска комисија меѓу двете земји е осудена на пропаст, бидејќи немала јасен мандат. 

Тој како пример го дава договорот меѓу Грција и Македонија, во кој, според него, сè е запишано до секој детал и бара да се разјасни што значи концептот на „заедничка историја” во договорот меѓу Софија и Скопје.

„Во Скопје мора да признаат дека македонската државност се создала врз вековната сила на бугарската држава. Бугарската борба за слобода доведе до создавање на македонската држава. Ги поддржувавме во аспирациите кон ЕУ и НАТО“ - вели Георги Прванов.

Бугарскиот историчар Чавдар Маринов, кој не е член на меѓувладината експертска комисија, за РСЕ вели дека Гоце Делчев на некој начин е и на Бугарија и на Македонија, но секако тоа се прашања кои би требало на некаков објективен начин и без националистички каузи да се дискутираат, да се дебатираат меѓу историчарите.

„На некој начин мислам дека тоа се прашања кои немаат конечен одговор. Тие секогаш ќе бидат предмет на некаква дебата која треба да се води спокојно, без навреди и во рамките на еден дијалог без националистички цели. За жал, она што го гледаме денес е токму спротивното, барем од бугарска страна гледаме една многу јасна националистичка ангажираност на историчарите“ - рече Чавдар Маринов – бугарски историчар.

Антропологот Љупчо Ристески, член на заедничката историско-образовна комисија, во дебата на „360 степени“, рече дека со предлогот 7 октомври, датумот кога почна пренесувањето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, сакале на овој чин кој во тоа време имал толку силно симболичко значење, да му се даде можност за уште еден исчекор пред Европа. 

„Мислевме дека чинот на предавање на моштите на Гоце Делчев којшто во тој период успеале да го постигнат двете страни, дури и од денешна перспектива изгледа апсолутно модерно, апсолутно добрососедски и според мене, целосно прифатлив“ - смета Љупчо Ристески – антрополог и член на заедничката историско образовна комисија.

Според Ристески, по ова е јасно дека за бугарската современа политика и за голем дел од бугарската историографија, еден голем дел од комунизмот во Бугарија се смета за минато кое треба целосно да се отфрли. 

0 Коментари

Остави коментари