Четврто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“
Foto

Четврто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Од денеска до 8 септември во Младинскиот културен центар ќе се одржува четвртиот книжевен фестивал „Друга приказна“  на кој ќе учествуваат дваесетина македонски писатели и исто толку  гости од регионот. Главната тема на фестивалот е „На маргините“ по повод 25 години од  списанието за култура „Маргина“.

Како што соопшти организаторот на фестивалот, издавачката куќа „Темлум“, добитник на главната награда годинава е сараевскиот писател Ненад Величковиќ, кој има комплексен и разгранат книжевен опус. Неколку негови книги се преведени и на македонски, но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ (национална, школска), а која да биде „на маргините“.

-Четиридневниот фестивал сакаме да го искористиме и за да разговараме за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. За маргините како трајно засолниште или привремена затеченост (т.е. заточеност, заробеност). За маргините како слобода и како јазичка игра. Квалитетот на учесниците на фестивалот гарантира квалитетни согледби, споредби, предизвици, продлабочувања… Ќе се обидеме темата да ја расчепкаме и теориски и книжевно, соопшти организаторот.

Наведува и дека ќе има и неколку концерти и изложби зашто „Друга приказна“, меѓу другото, сака да биде и забавен и провокативен фестивал, на кој значајно место имаат и други креативни луѓе, не само оние од светот на книжевноста.  Фестивалот е поддржан од мрежата за литература „Традуки“ и Министерството за култура.

0 Коментари

Остави коментари