Четири шумски пожари во Грција
Foto

Четири шумски пожари во Грција

На четири различни локации во Грција односно на островите Лерос и Крф, во централниот и западниот дел на Пелопонез попладнево избија пожари во чие гаснење интервенираат над 100 пожарникари, авиони и хеликоптери, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако ниту еден од пожарите не претставува директна закана за населени места, сепак на островот Крф беа превентивно евакуирани две села.

Во гаснењето на пожарот на Крф учествуваат 34 пожарникари со 13 возила, пет авиони и еден хеликоптер, а според грчката новинска агенција АНА-МПА не постои опасност за ширење на пожарот.

На островот Лерос, со хеликоптер Супер пума биле донесени осум пожарникари од соседниот остров Самос, а во гаснењето на пожарот учествува и воената морнарица, три цистерни од општината, а помага и локалното население. Според локалните медиуми од островот, пожарот е делумно ставен под контрола.

Во централниот дел на Пелопонез во близина на градот Мегалуполи, дополнително беа засилени противпожарните сили за гаснење на шумскиот пожар. Интервенираат 50 пожарникари со 18 возила, два хеликоптери и два авиони.

Пожар, но од помали размери изби и во западниот дел на Пелопонез, каде што противпожарната служба со 22 пожарникари, 10 возила и два хеликоптери се обидува да се справи со огнените јазици.

0 Коментари

Остави коментари