Царовска: Нема трансмисија на Ковид во училиштата
Foto

Царовска: Нема трансмисија на Ковид во училиштата

Помеѓу 20 и 70 заразени ученици се движи бројот на активни случаи на Ковид-19 на дневна основа во училиштата во земјава.

Изразено во проценти, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240 илјади ученици, што е исклучително низок процент, велат од Министерството за образование.

Министерката Мила Царовска утрово за ова ги информирала директорите на училиштата, посочувајќи им дека состојбата со ковид 19 во школите е стабилна, се следи на дневно ниво и според проценките на Главниот координативен кризен штаб, засега нема потреба од промена на моделот за начинот на одвивање на наставата, бидејќи нема интерна трансмисија на вирусот во училиштата. Царовска вели дека засега нема ниту потреба од набавка на брзи тестови со кои ќе се тестираат учениците.

Институтот за јавно здравје во својот најнов извештај за минатата недела регистрирал двојно зголемување на бројот на заболени деца до 9 години, без да прецизира колкаво е зголемувањето кај децата на школска возраст.

Кај оние до 19 години исто така е регистриано зголемување на случаите со ковид, но само за 8,2 отсто. Од Министерството за образование велат дека над 72% од наставниот кадар е вакциниран, што е речиси двојно повеќе од националниот просек. 

0 Коментари

Остави коментари