Бундестагот ќе одобри почеток на преговори со Македонија во септември
Foto

Бундестагот ќе одобри почеток на преговори со Македонија во септември

Германскиот Бундестаг во септември ќе донесе одлука за одобрување почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, соопштила германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со премиерот Зоран Заев во Берлин. Меркел потенцирала дека земјава го испорачала очекуваното и дека следува позитивна согласност на Бундестагот наесен. Премиерот Заев на средбата рекол дека земјава има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ.

„Со канцеларката Меркел имавме срдечна и пријателска средба, каква што личи меѓу земји стратешки партнери по многу прашања од заеднички интерес. Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на унијата“.  изјави Зоран Заев – претседател на Владата.

На средбата, како што рече Заев, било нагласено дека германското министерство за надворешни работи има позитивен став за нашата земја во однос на почнувањето на преговори за членство во ЕУ, и дека треба да се испочитуваат процедуралните постапки и демократските процеси кои ќе овозможат Бундестагот да донесе позитивна одлука. Според Радио слободна Европа, Советот на Европската унија во јуни нема да донесе одлука за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Според доверливи извори во европските институции, одлуката ќе била донесена во октомври. Дипломатските претставници на членките на Европската унија, конечно се согласиле за нацрт-текстот кој би требало да биде усвоен на претстојниот министерски состанок на 18 јуни. Според нацрт заклучоците во кои РСЕ имаше увид, Советот на Европската унија ќе се занимава со ова прашање на првиот состанок по летните одмори.

„Иако се признава постигнатиот напредок и позитивната оценка за напредокот од последниот извештај, во светло на ограниченото време кое е на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се врати на ова прашање со цел заклучување на позитивна одлука што е можно порано, а најкасно до септември 2019 година”.

Како што објавува Дојче Веле, одлуката на холандскиот парламент де-факто да го блокира почетокот на преговорите со Албанија, но не и со Северна Македонија, на македонската Влада и дава надеж дека во следните месеци нема да биде „колатерална штета“ на кризата во соседната земја. Ако следниве месеци нешто драматично не се промени, станува извесно дека пакетот на кој инсистираше Европската Комисија, а во кој беа Северна Македонија и Албанија, до есента можно е да се „распакува“.

0 Коментари

Остави коментари