Бугарија со меморандум до ЕУ: Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот
Foto

Бугарија со меморандум до ЕУ: Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот

Објаснувачкиот меморандум на Бугарија испратен до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со ЕУ се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.

Два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик содржи таканаречениот објаснувачки меморандум кој официјална Софија го пратила до земјите членки на ЕУ, а во кој Радио слободна европа  има увид. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата. 

Според билатералниот договор и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Стои во „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ кој Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“. 

Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“. Според Бугарија ова „наследство“ е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.

Официјална Софија оценува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Бугарија обвинува дека и  работата на заедничката експертска комисија за историја е блокирана поради тоа што македонската страна одбивала да се договори за концептот на „заедничка историја“, наместо тоа се користела со термини како „споделена“. Поради ова, смета Софија, довербата е поткопана помеѓу двете страни.

Што се однесува до јазикот, Софија го користи македонскиот јазик под наводници и смета дека до втори август 1944 не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет, и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Бугарија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 кога е признат македонскиот јазик. Па така, сега Софија бара во ЕУ документите да стои !„официјалниот јазик на Република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“. Софија исто така ги информира своите ЕУ партнери дека Северна Македонија нема основ да бара права за ниедно население во Бугарија, како што се договорија двете страни, но обвинува дека македонските власти не ја смениле политиката кон лица и организации кои бараат признавање на македонско малцинство во Бугарија, со што го прекршиле членот единаесет од спогодбата. Од институциите на ЕУ засега нема реакција за сега на овој бугарски документ.

0 Коментари

Остави коментари