Бугарија се премисли: Наши државјани ќе може да влезат со ковид-потврда и негативен тест

Македонските државјани од четврток ќе можат да влезат во Бугарија со приложување  валиден сертификат за вакцинација против КОВИД 19 или сертификат за прележана болест, заедно со негативен ПЦР тест.

Со ова е сменета претходната одлука на Софија со која беа донесени рестрикции за забрана на несуштински патувања поради ситуацијата со ковид-пандемијата. По интензивната комуникација меѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји, надлежните институции на Бугарија, донеле нова одлука за влез во Бугарија на нашите државјани, соопштија од МНР.

„Со најновата одлука на бугарските власти, а која ќе стапи во сила од 20 јануари (четврток), на сите државјани на Република Северна Македонија им е дозволен влез во Бугарија со приложување валиден сертификат за вакцинација против ковид-19 или сертификат за прележана болест, заедно со негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа“. - МНР.

За влез во Бугарија на малолетни лица од 12 до 18 години, исто така е задолжителен негативен ПЦР тест. Поради влошената епидемиолошка ситуација, земјава продолжува да биде во т.н. Црвена зона. Освен за Бугарија, посебни протоколи има за влез во Германија и во Грција.

За Германија сите патници мора да се регистрираат и се должни да заминат во задолжителен карантин од 10 дена, кој може да се прекине со поднесување потврда за вакцинација или пак со негативен ПЦР тест пет дена по влегувањето во таа земја. За влез во Грција остануваат истите обврски - сите патници над 5 годишна возраст треба да имаат негативен ПЦР или брз тест, покрај сертификатите за извршена вакцинација или прележана болест.