Бугарија нема да ја блокира Македонија за почеток на преговори
Foto

Бугарија нема да ја блокира Македонија за почеток на преговори

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи очекува ЕК да има неутрален став по однос на поединечните ставови на членките, прашан за условувањата на Бугарија во однос на почетокот на преговори за земјава. Османи очекува поради Корона пандемијата првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел да се одржи после октомврискиот самит на Унијата.

Бугарија нема да биде кочница на С Македонија на патот кон Европската Унија, тврди бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, а пренесува агенцијата БГНЕС. Захариева не објаснува на што се должи нејзината промена на ставот, но вели дека Бугарија секогаш била чесна и отворена кон Македонија, а тоа била и целта на декларацијата усвоена од бугарскиот Парламент.

„Не можам да сфатам дека кога идат избори ќе биде запрена работата на една експертска комисија. Таа не е прекината од наша страна. Бугарија секогаш го почитувала правото на самоопределување. „Лошо е тоа што многу политичари во РС Македонија си мислат дека на антибугарско расположение ќе ги добијат изборите. Изборите поминуваат, но соседите остануваат. Никој не победил со јазикот на омразата. Тоа е мојата порака до нашите соседи“, изјавила Захариева.

А амбасадорот на Франција во земјава Кристијан Тимоние во интервју за весникот Вечер вели дека почнувањето на преговори со унијата е поврзано со изборите, бидејќи Брисел треба да има легитимен соговорник од оваа страна. Во однос на Бугарија, францускиот амбасадор вели дека не би требало да има некакви пречки за земјава од страна на Софија.

„Постои договор за пријателство кој е билатерално и меѓународно прифатен документ. Тој обезбедува основа за понатамошни разговори за историски и симболични теми кои имаат и емотивен карактер. Секако постои и она чувствително прашање за идентитетот, со оглед на заедничката историја и блискоста на јазикот што се зборува во соседната држава. Политичките сили треба да покажат почит и воздржаност без притоа да постојат обиди за понижување на другата страна.“ - изјави Тимоние.

Инаку државни делегации од земјава и од Бугарија неколку години заедно оддаваат почит за 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј во Рим и Ватикан, но годинава поради пандемијата со ковид-19 претседателот Стево Пендаровски го одложи патувањето за втората половина од 2020 година. Одложувањето на патувањето во Рим и Ватикан е усогласено со кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев. Од двата кабинета претходно најавија дека ќе се одреди датум за втората половина од годината.

0 Коментари

Остави коментари