Буџетот за здравство за 2019 година 6,3 милијарди денари
Foto

Буџетот за здравство за 2019 година 6,3 милијарди денари

Буџетот за здравството за наредната година ќе изнесува 6,3 милијарди денари, што е за 300 милиони денари повеќе од оној за годинава, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вели дека стратешка цел за наредната година се набавка на инсулинот, вакцини и лекови за ретки болести, медицинска опрема, подобрување на инфраструктурата, завршување на капиталните проекти и почнување на припремните работи за новиот Клинички центар во Скопје и новата градска болница во Општина Аеродром.

Ќе продолжи и зголемувањето на платите и тоа за 10 отсто за лекарите специјалисти и 5 отсто за медицинските сести во јануари годинава. Останатите здравствени работници зголемување од 5 отсто ќе добијат од септември наредната година.

- „Ова се со цел да го подигнеме квалитетот на здравствената заштита и да го подобриме пристапот до неа за сите наши граѓани“, рече министерот Филипче на денешната прес-конференција во Владата на која го презентираше буџетот за наредната година.

Во врска со Итната медицинска помош тој вели дека е свесен оти во нејзината работа таа се соочува со проблеми и тоа не само во делот на недостигот на возила, туку и кадар. Затоа, потенцира, се планира набавка на дополнителни возила и прием на нови здравствени кадри со што ќе се унапреди нејзината работа. Од 12 веќе нарачани возила за Итната медицинска помош, шест ќе бидат распределени во Скопје, а шест во останатите градови низ Македонија каде состојбата е најкритична.

0 Коментари

Остави коментари