Ботас и Хамилтон зад воланот на Мерцедес и во следната сезона
Foto

Ботас и Хамилтон зад воланот на Мерцедес и во следната сезона

Шампионскиот Ф1 тим - Мерцедес му го продолжи договорот на Валтери Ботас и за следната, 2021. година. Финскиот возач ги уверил челниците на тимот дека тој е најдобриот можен партнер на Луис Хамилтон во моментов, па затоа тие нема да менуваат ништо во следната сезона.

„Валтери одигра клучна улога во освојувањето на титулата кај конструкторите во последните три сезони и заврши втор во поредокот за возачи во 2019, а и сега е втор во генералниот пласман, затоа сме воодушевени да објавиме дека го продолжуваме неговиот договор“, пишува во соопштението на Мерцедес.

Ботас дојде во Мерцедес во 2017. година, како замена за Нико Розберг, откако претходно мина четири сезони во Вилијамс. Има 30 години, а во периодот во Мерцедес досега забележа 8 победи и има 37 подиуми.

„Благодарност до сите во тимот и до поширокото семејство на Мерцедес за поддршката и за нивната доверба во мене. Горд сум што ќе го претставувам овој голем тим и трокраката ѕвезда во нашето патување и во следната сезона. Минатите четири сезони беа константно напредување, работа на секој аспект од мојот перформанс. Верувам дека денес сум најсилен што сум бил, но секогаш можам и подобро. Мерцедес ја има истата философија, секогаш сакаат да бидат подобри и секогаш се гладни за повеќе“, изјави Валтери Ботас.

0 Коментари

Остави коментари