Боки 13 пријавил 40 функционери и бизнисмени
Foto

Боки 13 пријавил 40 функционери и бизнисмени

Бојан Јовановски денеска повторно беше спроведен од истражниот затвор “Скопје” до обвинителството. Овој пат преку осум страници напишани на рака соопшти дека кривично ќе гони 40-тина функционери, бизнисмени и нивни семејства. Не ги соопштува имињата, но вели дека треба да одговараат за злоупотреба на службена положба, измама, давање лажен исказ, како и непружање лекарска помош.

„Со случајот Рекет игравме правна држава но доста беше таа фарса. Сега треба да дојде време на вистинско владеење на правна држава каде поштедени нема да има. Сега на сите ни е јасно зошто мојот телефон не е вештачен“ се вели во соопштенито на Бојан Јовановски.

Во соопштението тврди и дека е цел на тортура и уцена, но не се плаши и ќе се бори за вистината. Му укажува и на обвинителот Јовевски дека за она што го зборува сега пишувал писмо уште во ноември лани, сакајки да потенцира дека сегашните пријави немаат никаква врска со пресудата која му беше изречена неодамна.

Адвокатот на Јовановски очекува Обвинителството да отвори предмети за поднесените кривични пријави откако ќе биде завршено документирањето на случаите. Главниот обвинител Јовевски за ТВ 24 вели дека материјалот се уште се анализира.

Јавниот обвинител ја проучува пријавата и ќе определи дали и кои дејствија ќе се преземат.

Јовановски почна со поднесување кривични за функционери на 25 јуни. Адвокатот на Јовановски минатата недела изјави дека пријавите се за функционери од државните институции, но и за лица надвор од нив.

Бојан Јовановски во случајот „Рекет“ беше осуден на девет години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби седум години затвор.

0 Коментари

Остави коментари