Бизнисот против персоналецот
Foto

Бизнисот против персоналецот

Стопанството гневно на Владата. Прогресивниот данок влезе во собраниска процедура пред да бидат послушани нивните аргументи против новите даночни решенија. Овој игнорантски однос не е тоа што го ветуваше Владата, а носењето на законот по скратена постапка не е одлика на партнерски однос помеѓу јавниот и приватниот сектор, велат коморите.

„Владата нема слух за барањата на бизнисот. Сега ние како претставници на бизнис заедницата ќе седнеме заеднички да гледаме за идни чекори како ќе постапиме со усогласен став.“ - вели Дриљон Исени, Стопанската комора на северо-западна Македонија.

„Економските оператори, бизнисите, особено тие со погоелем број на вработени, воопшто не се спремни со нивните софтверски решенија и пресметки на плати за да можат на 31.01.2019 да ја исплатат првата плата бидејќи истите не се усогласени со системот на УЈП. “ - изјави Анита Никова - Извршен директор на МАСИТ.

Законот предвидува, наместо досегашниот рамен данок, од следната година да се воведе прогресивен од 18 проценти на приходи над 1.500 евра. Но на еден месец пред стартот на новата година, бизнисот нема многу време за промена на предложеното решение, ниту пак да се подготви за новите даноци.

На Министерството за финансии му се брза да го донесе законот зашто парите од повисокиот прогресивен данок се веќе пресметани во буџетот за следната година. За нив јавната дебата завршила, кога во коморите бил презентиран буџетот за 2019.

„Овие приходи се предвидени во Буџетот за 2019 година, а од него ќе се финансира минималниот адекватен доход, растот на платите во здравството, подобрувањето на условите во градинките и училиштата и многу други проекти. Во текот на целата година во јавноста беше отворена дискусија за праведното оданочување и токму дел од барањата на стопанствениците беа земени предвид при креирањето на законот, велат од Министерството за финансии.“

Бизнисот во септември побара реформата во даночната политика да се одложи за најмалку 5 години, зашто ваквото решение ќе доведе до зголемување на сивата економија.

0 Коментари

Остави коментари