Бизнисот против избори, бара фокусот да се стави на економската агенда
Foto

Бизнисот против избори, бара фокусот да се стави на економската агенда

Најавите за предвремени парламентарни избори, што би се одржале заедно со редовните претседателски избори, ги раздвижија не само политичарите, туку и бизнисмените. Веднаш по барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори и оставањето таква можност од страна на власта, следуваа изјави не само на политичари од земјава, туку и однадвор. Сепак, одржувањето на нови предвремени избори не ги засега само политичарите, туку и бизнисмените, бидејќи во секој изборен циклус стагнира економијата за околу пет – шест месеци.

Стопанските комори се едногласни дека одржувањето предвремени избори негативно ќе влијае врз развојот на економијата и инвестициската активност на компаниите. Според нив, во тој изборен период, државните институции не се целосно функционални и затоа апелираат, наместо избори, да се работи повеќе на економската агенда што ја најави Владата за 2019 година.

– Секогаш кога има изборни циклуси, доаѓа до стагнација на економијата. Изборните циклуси на секои шест месеци, со долги кампањи што им претходат, се фатални за стопанството, од причина што политичките процеси, најавените претседателски избори за годинава, а можеби и вонредни парламентарни избори, ќе потрошат речиси половина од следната година, што ќе се одрази негативно врз економијата и инвестициската активност на компаниите. Во ваква состојба не можеме да очекуваме поголема раздвиженост во поглед на приватните инвестиции, не се дискутира за економија, туку се очекуваат политички исходи. Дополнително, средствата од буџетот што се трошат на кампањи, може да се искористат за продуктивни инвестиции, вели Александар Зарков, извршен директор на Сојузот на стопанските комори на Македонија во изјава за МИА.

Можните предвремени парламентарни избори, оценува Зарков, ќе го забават реформскиот процес и негативно ќе влијаат врз економскиот раст. Потребна е стабилизација на политичките процеси и имплементација на структурните економски реформи како национален приоритет.

Сличен став имаат и од Стопанската комора на Северозападна Македонија од каде што истакнуваат дека бизнисот е против одржување избори бидејќи во тој период има застој на економското движење во државата.

– Нашиот апел е да се работи повеќе на економската агенда и добро е што Владата ја има назначено 2019 како година на економијата. Со оглед на фактот дека проблематичните инфраструктурини проекти веќе се решени, се надеваме дека економскиот раст ќе биде позитивен во рамки на тоа што е предвидено од страна на Владата, вели извршниот директор на комората Дрилон Исени.

Од Стопанската комора на Македонија препорачуваат доколку мора да се одржат избори, тогаш кампањите да бидат кратки и концентрирани.

– Бизнисот полека да си го заземе своето место и непречено, надвор од политичките процеси да си ги врши своите работи и да се држи до своите надлежности, а политичарите да му остават простор тоа да го направи, бидејќи тоа е и во наш интерес и во интерес на државата, истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азевски, во изјава дадена неделава во Скопје.

0 Коментари

Остави коментари