Битолчани на протест: Кога ќе го решите „македонскиот Чернобил”?
Foto

Битолчани на протест: Кога ќе го решите „македонскиот Чернобил”?

Кога ќе го тргнете фокусот од Скопје и ќе почнете да работите за сите граѓани? Битола се гуши, а никој не реагира, револтирани се битолчани, кои денеска излегоа на протест пред општинската зграда. Бараат од Владата поефтина струја за овој регион, се додека не заврши гасификацијата и додека не се реши статусот на РЕК Битола, или како што го нарекуваат, „Македонскиот Чернобил“.

“Денес сме овде собрани да му кажиме јасно на централната власт во Скопје дека Битола е сеуште во Македонија и дека постоиме и кога не е предизборие. Време е да му покажиме дека Битола Сака да Живее! Време е Битола да престане да биде колатерална штета за Македонија! - порача Иван Чулакоски од советничката група Поинаку

Битолчани потсетија и на црните статистики по кои градот предничи по број на малигни заболувања, особено кај деца.

“Податоците велат дека во Битола бројот на заболени од белодробен карцином е за 2,5 пати поголем од на државно ниво, дека бројот на заболени деца од малигни неоплазми е загрижувачки, дека концентрација на ПМ 10 честичките во Битола континуирано е над дозволеното ниво. За цело ова време и претходната и актуелната власт немаат превземено никакви конкретни и ефикасни мерки за да го спречат загадувањето во Битола.- изјави Габриела Илиевска од советничката група „Поинаку“.

Поддршка на протестот добија и од детската амбасада Меѓаши, која веќе најави тужба против државата.

„Тука сме за да го кренеме гласот и да кажеме дека не може веќе вака. Сериозноста по бројот на болни деца е превисок и мора не само централната власт туку и локалната самоуправа да преземе итни мерки- краткорочни и долгорочни за да ги спаси децата “ - порача Драги Змијанац, од детската амбасада „Меѓаши“.

За иницијативата до централната власт позитивно гласаа и претставниците на Социјалдемократскиот сојуз. Но, денеска излегоа со поинаков став. Велат, барањата не биле иницирани од независните советници, туку биле општ компромис, а протестите ги оценија како трка по политички поени.

„Секаков повик за протест е лицемерен и апсурден и единствено служи за политички публицитет на организаторот. Загадувањето не настана преку ноќ, тоа многу посериозен и покомплексен проблем од тоа што некој сака да го прикаже. За здравјето на граѓаните не се купуваат политички поени “ - изјави Методија Илиевски советник од СДСМ.

Претходната иницијатива во Советот на Општина Битола, во која се бараа нови законски регулативи за работата на РЕК Битола, локалните власти ја отфрлија, со образложение дека не биле надлежни за тоа. Оваа иницијатива пак, ја поддржаа, но и самите отворено велат, дека тоа нема да ги реши проблемите во Битола. Од Владата не дадоа став за барањата на битолчани. Не прецизираа рокови ниту од Министерството за животна средина, на прашањето – кога ќе се реконструираат клучните филтри во најголемата државна термоелектрана.

0 Коментари

Остави коментари