Без напредок заврши 16. средба на Заедничката комисија за историски прашања

Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари, се наведува во соопштението објавено по завршувањето на дводневната 16. редовна средба на Заедничката мултидсциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања што се одржа во онлајн формат.

Како што наведуваат од МНР, во текот на двата дена членовите на Комисијата повторно дискутирале по забелешките за учебниците по историја, при што биле соочени концептот на мултиперспективност, наспроти исклучивиот пристап.

- Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап, стои во соопштението од МНР.

По исцрпна дискусија вториот ден покажа, се посочува, дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка.

Во текот на двата дена, се наведува во соопштението, членовите на Комисијата работеа и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби. Договорен е и датумот за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.

И на претходната што се одржа во изборен период во двете земји - кај нас меѓу двата круга од локалните избори, а во Бугарија за време на кампањата за претседателските и предвремените парламентарни избори, не беа усвоени никакви решенија и препораки.

Мешовитата македонско-бугарска комисија беше формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во 2017 година. Ова беше последниот петти состанок на Комисијата за оваа година.