Бајден: Можни се санкции лично против Путин доколку Русија ја нападне Украина

Евентуалната руска инвазија врз Украина би можела да биде „најголемата инвазија“ од Втората светска војна, со оглед на масовното воено присуство на Русија во близина на украинската граница, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

„Таков настан може да го промени светот. Путин продолжува да распоредува војници долж украинската граница од Белорусија.“ - изјави Џо Бајден претседател на САД.

На прашањето дали ќе размисли за преземање на необичниот чекор за воведување санкции директно кон Путин доколку Русија ја нападне Украина, Бајден одговори потврдно. Тој рече дека американски трупи во Украина нема да бидат распоредени. И Велика Британија не исклучува санкции насочени лично против рускиот претседател во случај на руски напад врз Украина. 

„Ќе претставиме нов закон што ќе го заостри нашиот режим на санкции за да можеме да таргетираме повеќе компании и поединци во Русија. Тоа ќе го изнесеме во следните неколку дена.“ - изјави Лиз Трaс министерка за надворешни работи на Британија.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ќе побара разјаснување за намерите на Русија кон Украина во телефонскиот разговор со претседателот Владимир Путин најавен за в петок, поради зголемените стравувања од напад на Кремљ врз Украина. Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц ја истакнаа својата поддршка за Украина и го повторија својот став дека Русија ќе плати висока цена доколку го нападне својот помал сосед. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повтори ставот на Москва дека Русија ќе преземе соодветни мерки доколку не добие конструктивен одговор од САД и НАТО околу барањата за нејзините безбедносни гаранции.

„Москва нема да дозволи прашањата за Украина и бараните безбедносни гаранции од страна на Русија да бидат предмет на бескрајни дискусии, во кои ќе бидат вклучени Организацијата за безбедност и соработка во Европа или Европската унија.“ - изјави Сергеј Лавров министер за надворешни работи на Русија.

Русија очекува оваа недела Вашингтон писмено да одговори на нејзините предлози за безбедносни гаранции. НАТО претходно соопшти дека ги става силите на подготвеност и ја зајакнува Источна Европа со повеќе бродови и борбени авиони.