Атина ќе го информира скопје за ратификацијата на Преспанскиот договор и протоколот за НАТО
Foto

Атина ќе го информира скопје за ратификацијата на Преспанскиот договор и протоколот за НАТО

Само неделава две членки на НАТО ќе го ратификуваат македонското членство во алијансата. Утре се очекува ратификацијата да помине во словенечкиот парламент, каде во посета е претседателот на македонското собрание Талат Џафери, а веќе во четврток за македонското членство ќе се гласа и во албанскиот парламент. Џафери кој ќе се обрати и пред словенечките пратеници за време на средбите со државниот врв во Љубљана порача дека договорот од Преспа е добар за целиот регион.

По добивањето на Вербалната нота со која Атина денеска треба да го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО и исполнувањето на сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, почнува примената на новото име Република Северна Македонија. Во Службен весник ќе биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон. Веќе почнаа и практичните подготовки за примена на новото име. Натписот „Влада на Република Македонија“ е отстранет од зградата. Владата, Собранието и министерствата се очекува да бидат првите кои уште во текот на неделава ќе ги постават новите натписи. Треба да бидат поставени и првите табли со „Северна Македонија“ на граничните премини, а првиот ќе биде граничниот премин „Богородица“, главниот премин на границата со Грција. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос, ги појасни следните чекори.

„В понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име“.- изјави Катругалос.

Лидерот на грчката опозиција пак за време на настапот во Кожани во грчката област Македонија, порача дека ќе го блокира европскиот пат на Македонија доколку споре него Скопје продолжи да ги поткопува грчите национални интереси.

Нема да го испуштам правото на Грција да стави вето на пристапниот процес на Скопје, доколку сметам дека треба. И реков дека фразата „му посакувам добредојде на македонскиот Премиер“ никогаш нема да ја слушнете од мене.“ - изјави Киријакос Мицотакис, претседател на „Нова Демократија“.

Европската Комисија се подготвува за неколку дена да почне да го користи новото име „Република Северна Македонија“. Откако двете земји го ратификуваа договорот, Европската Комисија чека да завршат сите предвидени процедури меѓу Скопје и Атина за да влезе во сила употребата на новото име во европските институции.

0 Коментари

Остави коментари