Асанж се појави пред судот во Лондон
Foto

Асанж се појави пред судот во Лондон

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денеска се појави пред суд во Лондон во рамките на постапката за негова екстрадиција во САД. Против Асанж се покренати обвиненија за шпионажа, а тој не успеа да го одложи процесот со цел неговиот правен тим да има повеќе време за да се подготви за случајот.

Светските медиуми јавуваат дека Асанж пркосно кренал тупаница кон неговите поддржувачи кои седеле во галеријата на судницата за да го видат нивниот херој. Според медиумите, тој изгледал слаб, но здрав, зборувал „многу благо и на моменти се чинел уморен и збунет“.

Асанж и неговиот правен тим не успеаја да ја убедат судијката Ванеса Барајтсер дека е оправдано тримесечно одложување на и онака бавниот процес. Откако судијката одбила да го одложи процесот, Асанж со нервозен глас рекол дека не ги разбира процедурите пред судот.

Тој исто така рекол дека неговиот случај „не е фер“ затоа што американската Влада има „неограничени ресурси“, додека тој нема лесен пристап ниту до адвокати ниту до документите што му се потребни за да се бори против екстрадицијата.

– Тие ги имаат сите предности, рекол 48-годишниот Асанж, кого САД го бараат поради објавување десетици илјади тајни владини документи преку Викиликс.

Американските власти го обвинуваат Асанж за заговор со поранешната аналитичарка на воената разузнавачка служба на САД Челси Менинг за упад во компјутер со доверливи податоци во Пентагон. Обвинението беше објавено на 11 април, откако Асанж беше уапсен претходно истиот ден во еквадорската Амбасада во Лондон, во која се засолни во 2012 година за да не биде екстрадиран во Шведска под обвинение за сексуален напад

0 Коментари

Остави коментари