Ангеловска: Интерес за „Купи куќа, купи стан“ има, проектот со нови услови продолжува и следната година
Foto

Ангеловска: Интерес за „Купи куќа, купи стан“ има, проектот со нови услови продолжува и следната година

Проектот за субвенционирани станбени кредити од државата продолжува и следната година. За субвенции за догодина се предвидени 125 милиони денари во буџетот, а министерката за финансии Нина Ангеловска не очекува изборите да направат застој во неговата реализацијата. Граѓаните информации за новите услови што се применуваат од годинава може да добијат од 6-ти до 8-ми овој месец на Саемот за „Купи куќа, купи стан“ во Скопје сити мол. На едно место ќе бидат достапни информации за тоа каде може да се аплицира, за банките што учествуваат во проектот, понудата од градежните компании и информции од Министерството за финансии.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, најавувајќи го саемот, рече дека има голем интерес за проектот и дека оваа година се доделени 97 станбени субвенционирани кредити во износ од 3,6 милиони евра и доделена субвенција од 1,1 милион евра.

-Само во последните три месеци, откако се новите услови во сила, има доделено 61 кредит. Од вкупно одобрените кредити годинава за млади се 48. За станови се 71, а останатите се за куќи. Од апликантите 45 отсто се жени, 55 отсто се мажи. Се очекува до крајот на годината да има околу 150 доделени кредити, изјави министерката.

Оцени дека со направените промени во проектот, значително се подобрени условите за граѓаните кои имаат потреба од поддршка од државата за да се стекнат со сопствен дом.

– Најголема поволност за граѓаните е намалувањето на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит и тоа: за моделите каде се субвенционира ратата од кредитот од страна на државата, каматната стапка се намали од 3,95 отсто на 2,9 отсто, додека за четвртата и петата година каматната стапка е намалена од 4,44 отсто на 3,9 отсто. И кај моделите каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена од 4,5 отсто+ЕУРИБОР на четири отсто+ЕУРИБОР. Има нови модели, особено поволни за младите со возраст до и наполнети 35 години. За купување стан, каде и интересот е најголем, субвенцијата на месечната рата е зголемена од 50 отсто на 70 отсто – ова значи дека во првите пет години од исплатата на кредитот 70 отсто од месечната рата ќе плаќа државата, додека корисникот на кредитот ќе плаќа само 30 отсто. Исто така, зголемена е и субвенцијата за моделите каде се субвенционира учеството од 50 отсто на 70 отсто%. Ова значи дека доколку корисникот на проектот го искористи овој модел, 70 отсто од учеството од кредитот ќе му го плати државата, истакна Ангеловска.

Посочи дека дополнителна нова поволност во проектот е во насока на подигнување на наталитетот во земјата. Имено за секое новородено или посвоено дете во текот на првите 10 години од користење на кредитот, корисникот на кредитот добива дополнителна субвенција од 30 отсто на ратата во текот на една година плус.

За годинава се издвоени два милиона евра за овој проект, а следната година се предвидени 125 милиони денари.

Министерката не очекува дека ќе има застој во спроведување на проектот со оглед на тоа што следната година има избори и дека од 3 јануари ќе има техничка влада.

-Ќе биде побарано мислење од Државната комисија за спречување на корупција да кажат дали смее да продолжи. Не гледаме причина зошто не би смеело да продолжи бидејќи се работи за проект што е тековен, исто така во минатото согласно искуството немало проблем, така што не очекуваме да запре постапката. Напротив се работи за проект што е тековен и интересот е на сите да продолжи и да нема застој и да бидат одобрени барањата на граѓаните, рече министерката за финансии.

0 Коментари

Остави коментари