Анѓушев: Каматите на депозитите треба да се оданочат, а данокот на капитални добивки да се одложи
Foto

Анѓушев: Каматите на депозитите треба да се оданочат, а данокот на капитални добивки да се одложи

Граѓаните кои чуваат пари во банка треба да почнат да плаќаат данок на каматата од следната година, смета вицепремиерот за економски прашања.

Но, оданочувањето на капиталните добивки треба да се пролонгира, зашто на тој начин ќе се стимулира развојот на берзата. Анѓушев тврди дека тој нема акционерски друштва и не поседува акции, така што оваа политичка мерка не му значи ништо на бизнисменот Анѓушев и не се носи во негова корист.

Најавата дека нема да се исполни во целост едно од предизборните ветувања на СДСМ, ги разгорува политичките табори. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека власта премногу си игри со даночните политики и не им дава никаква сигурност на граѓаните.

За можното одложување на оваа мерка веќе реагираше довчерашниот советник во Министерството за финансии Бранимир Јовановиќ, кој беше дел од тимот на ексминистерот Драган Тевдовски. Според него, со ова Владата испраќа јасна порака дека работи во интерес на богатите.

Оваа новина во Законот за данок на личен доход се донесе во 2018 година кога министер за финансии беше Драган Тевдовски. Измените во Законот предвидуваат граѓаните да плаќаат данок на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност. Исто така данок од 15 проценти за дивидендите и заштедите во банка ако каматите годишно надминат 15.000 денари. Двата данока треба да стартуваат од јануари 2020.

0 Коментари

Остави коментари