Aлбанската опoзиција од вечерва повторно на улица – Eди Rама со највисоко ниво на безбеднoст
Foto

Aлбанската опoзиција од вечерва повторно на улица – Eди Rама со највисоко ниво на безбеднoст

Под силни безбедносни мерки, албанските власти се подготвуваат за вечерашниот протест што го најавува опозицијата. Околу 2 илјади полицајци се ангажирани за новиот шести по ред национален протест на Обединетата албанска опозиција пред Владата и Парламентот во Тирана. На клучните места се поставени камери со висока резолуција со кои ќе бидат следени протестите, а реонот околу Владата и парламентот е опкружен со железни огради и бодликава жица. 

Цивилни агенти ќе ги следат сомнителните лица. Дополнителни полициски сили се ангажирани од  Драч и Елбасан, а на првата линија се специјалните елитните единици. На автобусите со демонстранти кои пристигнуваат од целата земја, не им е дозволено да влезат во градот. Целосна забрана за движење и паркирање на возила има во централното градско подрачје. 

Американската амбасада во Тирана, како и за претходните протести, ги предупреди своите граѓани во периодот кога се одржува протестот да бидат внмателни, да ги следат локалните медиуми и да го избегнуваат подрачјето на протести. 

Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, на собирот во градот Бурел, рече дека Албанците се одлучни да ја земат судбината во свои раце. Тој не го поштеди од обвинувања премиерот Еди Рама,за кого рече дека „нема ни достоинство, ниту чест“.

„Еди Рама, кримииналец, крадец, кој нема ниту достоинство, ниту чест. Доколку имаше мајку достоинство ќе си заминеше како што тоа го направија премиерите на Австрија и на Велика Британија. Помошта и придонесот на Германија и САД да ја решат кризата во земјава е неопходна, но за условот кој се однесува на заминувањето на Еди Рама нема преговори“ - вели Љуљзим Баша – лидер на Демократската партија

Баша посочи дека опозицијата нема да направи ни чекор назад во „битката за живот или смрт“ и ги повика албанските граѓани што помасовно да присуствуваат на протестот. Лидерката на втората по големина опозициска партија,Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, со многу посмирен тон од претходно побара од оние кои ќе протестираат да се откажат од насилства и да протестираат на мирен и достоинствен начин. 

Албанскиот претседател Илир Мета апелира протестите да бидат мирни, бидејќи правото да се протестира е фундаментално право на демократијата.

„На претходните протести некои акти на насилство се неприфатливи и ги потсетуваме демонстрантите дека правдата за нивната кауза не треба да биде засегната од неадекватните активности на одредени поединци.  Протестирањето е одговорност на лидерите на Обединетата опозиција и избегнувањето на насилството ги прави гласовите на демонстрантите да се слушнат подобро во и надвор од земјата“ - рече Мета. 

На претходните протести беше тензично и дојде до судир меѓу демонстрантите и полицијата, а имаше и повредени и уапсени. Полицијата со солзавец и водени топови интервенираше за да ја смири толпата.

Опозициските партии бараат формирање преодна влада која  би организирала предвремени избори. Западни извори сметаат дека во Албанија царуваат банди кои шверцуваат дрога. Според нив, тоа е земја која не е заинтерсирана за членство во ЕУ, бидејќи така би загубила премногу пари од криумчарењето, пари на кои не можеа да им одолеат и дел од политичарите. 

0 Коментари

Остави коментари