АЛБАНИЈА ПРЕД ИЗБОРИ
Foto

АЛБАНИЈА ПРЕД ИЗБОРИ

Политичката криза во Албанија се продлабочува пред претстојните локални избори закажани за 30 јуни. Албанскиот претседател, Илир Мета, ја осуди одлуката на изборната комисија да се одржат локалните избори в недела повикувајќи ја владејачката коалиција на чело со Социјалистичката партија на Еди Рама да седнат зад предговарачката маса и да не спроведуваат, како што рече, имагинарен процес на гласање. Претседателот Мета рече дека преговорите за членство на Албанија во Европската Унија нема да бидат отворени ако во земјата в недела се одржат локални избори, без опозицијата која бојкотира. Мета одложувањето на изборите го образложи со стравување дека гласањето би било недемократско без учество на опозициските партии и нагласи дека во таков случај постои можност за граѓански немири.

- „Се наоѓаме во една парадоксална ситуација. Уредбата на претседателот за избори е донесена со целосна поддршка на Уставот, поради што само Уставниот суд може да ја разгледа истата. Го повикувам мнозинството да се повлече од беззаконието, зашто единствен начин да се реши кризата е политичкиот дијалог.“ - изјави Илир Мета – претседател на Албанија.

На прашање дали размислува да даде оставка, Мета рече дека на оваа функција ќе биде до 24 јули 2022 година. Тој нагласи дека во Албанија единствена институција која одлучува за датум на избор е Претседателот. Албанскиот премиер, Еди Рама, пак, инсистира изборите да бидат одржани на 30 јуни, а одлуката на претседателот Мета за одложувањето на изборите ја оцени како антиуставна.

- „Одлуката на опозицијата да не учествува на изборите е спектакуларно политичко самоубиство, но ние не можеме тука ништо да направиме. Нема шанса да се случи она што го кажуваат тие јас не сум подготвен за натпревар и ти нема да влезеш во стадион.“ - изјави Еди Рама – премиер на Албанија.

Рама иронизираше со политичките противници и со претседателот Мета. Држејќи в рака филџан од испиеното кафе, тој како да гата стави до знаење дека шефот на државата за одложување на изборите го посоветувала неговата сопруга и лидерка на партијата Социјалистичко движење за интеграција, Моника Круемади, која веќе подолго ја нарекува гатачка на кафе. На вчерашниот состанок албанската обединета опозиција на чело со Демократската партија на Љуљзим Баша, која последниве месеци протестира против Владата и бара оставка од Рама, го потврди ставот за бојкот на изборите порачувајќи дека на 30 јуни нема да бидат одржани локалните избори.

0 Коментари

Остави коментари