Ахмети сведочел за можни меѓуетнички тензии со пописот во 2011
Foto

Ахмети сведочел за можни меѓуетнички тензии со пописот во 2011

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети нема да одговара за пропаднатиот попис. Истрагата се водела на „стаклени  нозе“, само со прислушувани разговори. 

Немало други докази против првиот човек на интегративците, но и против Никола Груевски дека во 2011-та година ја злоупотребиле положбата со стопирањето на пописот. Ахмети во обвинителството сведочел дека можно е пописот да предизвика меѓуетнички тензии. 

- Осомничениот во својата одбрана во целост го негираше кривичното дело што му се става на товар, укажувајќи дека во текот на 2011 година кога требало да се реализира пописот, постоела можност за меѓуетнички тензии, а постоеле и многубројни сомнежи за евентуални злоупотреби на терен и тоа од двете страни. - ЈОРСМ  за ТВ24.

Оваа изјава ја дал пред обвинителката Фатиме Фетаи во октомври кога вешто ги избегна новинарите и се појави час порано пред договорениот термин за распит. Фетаи го водеше овој случај и ја отвори истрагата пред две години. 

- Постои основано сомнение дека како владејачка коалиција, со цел да го скријат фактот дека немаат политички капацитет да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги скријат неповолните факти за демографската и економската состојба, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население, осомничените помеѓу 10 и 11 октомври 2011 година се договориле да го стопираат пописот“, рече обвинителката Фатиме Фетаи на прес-конференцијата на 21 март 2018. 

Од просториите на Рузвелтова, случајот Попис се пресели на кеј со пропаѓањето на СЈО. Кога се носеше законот за јавно обвинителство власта гарантираше дека случаите на СЈО кои преминуваат во редовното обвинителство ќе опстанат. Сепак  законот  кој почна да се применува од јули годинава ја скрои судбината на аферата „Попис“, потврдуваат сега и од обвинителството.

- По стапување на сила на Законот за јавно обвинителство, материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните разговори можат да се користат само како индиции, но не и врз основа на нив да се заснова обвинение. Наведените разговори беа на тенка линија помеѓу евентуална умисла и свесна небрежност. - велат од ЈОРСМ за ТВ24.

Во рамки на истрагата сведочеле членови на тогашната пописна комисија, но никој не ги посочил Ахмети или Груевски како виновни за пропаднатата статистичка операција. Стравувале дека пописот може да пропадне поради спорниот состав на тимовите за попишување, нашинците кои долго време живееле во странство а требало да бидат попишани. Затоа лидерите на ДУИ и ВМРО презеле иницијатива за стопирање на законот за попис во Собранието. 

Со запирањето на оваа истрага, официјално против раководството на ДУИ не се води ниту една кривична постапка.

0 Коментари

Остави коментари