Ахмети не е повикан на распит во СЈО, а истрагата „Попис“ меѓу клучните 10 кои ги посочи Јанева
Foto

Ахмети не е повикан на распит во СЈО, а истрагата „Попис“ меѓу клучните 10 кои ги посочи Јанева

На кого мисли Катица Јанева дека сака да го урне СЈО? Али Ахмети, Бујар Османи, пратениците Антонио Милошоски, Љупчо Димовски, но и Никола Груевски се меѓу осомничените во десетте истраги кои Јанева ги посочи како клуч за уништувањето на СЈО, откако прво се огради од аферата „Рекет“.

Вицепремиерот Бујар Османи, опфатен во истрагата Пациент не одговори директно дали се препознава во обвинувањата на Јанева, порача дека власта од која е дел и ДУИ прави напори СЈО да опстане.

„Работата на оваа институција не смее да се загрозим, мора да најдеме начин да продолжи со работа, за што како Влада исправиме предлог до Собранието, кој сметам дека претставува добра основа за задржувањето и унапредување на кредибилитетот, ингеренциите но и ефикасноста на оваа институција.“ - изјави Бујар Османи.

И Милошоски не одговори конкретно, тој ја спори стручноста на Катица Јанева. Актор, Попис, Пациент, Продуцент, Моќник, Пропаганда, Хармонија, Друмарина, Транспортер 2, стојат во фиока во СЈО и 5 месеци го чекаат мислењето на Владата до Собранието. Се поизвесно е дека прво ќе се донесе новиот закон за СЈО, според кој оспорените истраги ќе ги преземе редовното обвинителство.

Од законодавниот дом се очекуваше да пресече дали се законски и дали СЈО е надлежно да ги застапува откако Врховниот суд ги оспори, бидејќи биле отворени по истек на рокот за поднесување на обвинение- 30 јуни 2017-та.

Автентичното толкување кое го побара државниот обвинител Љубомир Јовевски не е ставено на дневен ред бидејќи Владата не ни доставила мислење до сега, вели Џафери во телефонски разговор за ТВ24.

Извори од СЈО велат дека симптоматично е што аферата „Попис“ била речиси завршена, вештачењето е готово од пред 3 месеци, но Али Ахмети, не е повикан досега на распит. Неофицијално, според нашите брифери, токму Катица Јанева го одолговлекувала распитот на Ахмети во СЈО, без да kаже зошто. Побаравме и одговор од Јанева која од вчера се врати на работа, но нема образложение.

Извори од СЈО велат дека речиси завршени се и делови од случајот за контраверзниот проект „Скопје 2014-та“. Кој се е опфатен во оваа истрага не одговорија. Меѓу десетината истраги кои Јанева ги посочи како алиби не е Империја во која се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков, бидејќи според нашите информации, овој случај е далеку од обвинение.

Токму осомничениот во оваа истрага, Орце Камчев го иницираше случајот „Рекет“ за кој на Јанева и беа запленети мобилните телефони. Шефицата во оставка кажа дека не е инволвирана во случајот, но и обвини дека во позадина има друга теорија за пропаѓањето на СЈО и нејзината дискредитација.

Официјално обвинителството за гонење организиран криминал не се произнесе дали Катица Јанева била злоупотребена од Бојан Јовановски или имала важна улога во операцијата „Рекет“.

0 Коментари

Остави коментари