Агенцијата за управување со одземен имот на лицитација за старо железо продаде 384 стари возила
Foto

Агенцијата за управување со одземен имот на лицитација за старо железо продаде 384 стари возила

На јавна лицитација, Агенцијата за управување со одземен имот продаде 267 возила и 117 запрежни коли, сите продадени како старо железо. Се работи за возила без употреблива вредност. Од денеска почнува постапката на преземање на возилата, што паралелно значи олеснување и ослободување на плацевите на Царина, МВР, Национални шуми, Шумска полиција кои со години се претрупани со старите возила. 

Директорот на Агенцијата, Фатон Асани за ТВ 24 вели дека се јавиле две фирми за откуп на старо железо на оваа лицитација, кои имаат специјални лиценци од Министерството за транспорт и врски. Имало посебни критериуми и не може да се јави секој авто отпад, вели Асани. 

Првпат се случува наеднаш да се продадат 384 стари возила. Се работи за запленети возила  за кои веќе има правосилни пресуди. Тука најчесто се работи за стари возила кои непотребно се трупале на плацевите на пример на Македонски шуми, каде што практично го зафаќаат местото за огревни дрва. Со овие лицитации се прави големо ослободување на голем простори. Во овие две години имаме продадено над 850 возила за старо железо кои немаат употреблива вредност. 

Четири вакви лицитации се реализирани само во последните две години. Ова се главно стари возила запленети од дивокрадци кои биле осудени, нивни превозни средства со кои нелегално пустошеле шуми.

Според последниот тендер, килограм старо железо би чинело околу 10 денари. По преземањето на количината фирмите кои добиле на јавната лицитација треба да направат пресметка колку килограми старо железо имаат откупено, а вкупната сума да ја исплатат на сметка на Агенцијата за управување со запленет имот, која потоа парите ги префрла во државната каса. Според првичните проценки една од фирмите на последната лицитација за откупените стари возила би требало да исплати околу 50 000 евра на Агенцијата. 

Foto

0 Коментари

Остави коментари