Агенција „Фич“ по 13 години го зголеми кредитниот рејтинг на Македонија
Foto

Агенција „Фич“ по 13 години го зголеми кредитниот рејтинг на Македонија

По три години, Рејтинг агенцијата „Фич“ го врати кредитниот рејтинг на земјава на „ББ+“ кој беше намален поради политичката криза. Сега од ББ тој се зголемува на ББ+ што е позитивен сигнал за инвеститорите дека земјата е безбедна за отворање бизниси, а за државата дека ќе може поефтино да се задолжува.

Министерот Тевдовски се пофали дека ова е прво зголемување на кредитниот рејтинг после 13 години, или од 2006 година наваму и е потврда за исправноста на политиките на Владата. Тевдовски вели ќе влијае и на стандардот на граѓаните.

„Секако дека ова ќе има позитивно влијание и на инвеститорите кои ќе носат одлуки да инвестираат тука, да отвараат бизниси. Ова ќе има влијание и да се зголемува извозот, да се отвараат работни места, да растат платите, да расте економскиот стандард пред се на граѓаните и да имаме повисок економски раст. Исто така зголемувањето на кредитниот рејтинг ќе влијае и на намалувањето на трошоците на долгот на државата“- рече Тевдовски.

Од Финансии велат дека проекциите на „Фич“ за економскиот раст, за долгот и дефицитот се на слична линија со нивните. 

„Во делот на фискалната политика Фич очекува буџетски дефицит кој е речиси ист со оној на Министерството за финансии за оваа и за наредната година. Проекциите за државниот долг се во линија што укажува дека Министерството и Владата ја базираат својата политика на реалистични проекции – вели Рилинд Кабаши, советник на Тевдовски.

Во извештајот пак на „Фич“ за кредитниот рејтинг стои дека земјава напреднала на патот кон евроатлантските интеграции и добро е поставена фискалната политика. Но, политичките случувања се еден од главните ризици за земјава. 

„Главни ризици кои може да доведат до намалување на кредитниот рејтинг се: - Негативните политички случувања кои влијаат на стандардите за управување и економијата.- Фискално пропаѓање или кристализација на потенцијални обврски што го зголемуваат ризикот за одржливост на јавните финансии.- Проширување на дефицитот што врши притисок врз девизните резерви и/или девизниот курс во однос на еврото“-  стои во извештајот на „Фич“.

Министерот Тевдовски вели не е загрижен за долгонајавуваната „метла“ која треба да ги опфати и министрите. Вели ќе ја почитува одлуката на Заев, но токму зголемениот кредитен рејтинг на земјава е доказ дека посветено работи на реформите. Тој сеуште не открива како ќе се спроведува најавениот поврат на ДДВ за граѓаните, мерка која треба да стартува за 15 дена. Вели се тече по планот, а на кој начин ќе се реализира граѓаните ќе дознаат најверојатно наредната недела.

Инаку зголемениот кредитен рејтинг за земјава доаѓа по Извештајот на ОН дека Македонија има 260 процентен раст на странските инвестиции, што е најголем раст од земјите од Западен Балкан. Или од 205 милиони долари во 2017 на странските директни инвестици лани пораснале на 737 милиони долари лани.

0 Коментари

Остави коментари