250 текстилни работници од Велес отпуштени од работа
Foto

250 текстилни работници од Велес отпуштени од работа

Двесте и педесет текстилни работници од Велес останаа на улица, откако нивната фабрика, конфекцијата „Стоби“, ненадејно се затвори. Освен без работа, тие велат дека ќе останат и без отпремнина, која законски им следува во ваков случај. Работниците со кои разговаравме не сакаат нивниот идентитет да го знае јавноста.

Дел од нив се плашат дека ако јавно зборуваат, ниту по судски пат нема да си го добијат законското следување. Дел, пак, се надеваат дека фабриката можеби повторно ќе се отвори. Сепак, сите раскажуваат дека кога пред некој ден им завршила смената, им било кажано да не доаѓаат на работа, оти фабриката се затвора. Некои од нив велат дека дента потпишале бланко листови, за кои им било речено дека се нови договори.

Но, на крајот на смената сфатиле дека биле излажани и дека си потпишале договор за спогодбен раскин на работниот однос. Потврда за тоа дали има прекршување на законот, до почетокот на овие вести не добивме од трудовата инспекција, на која не упати министерката за труд Мила Царовска.

Велешката конфекција „Стоби“ ги отпушти работниците поради тоа што нивниот странски партнер им ја откажал соработката. Според некои информации, германската компанија „Олимп“ тоа го сторила од солидарност кон вработените, кои работеле прекувремено и во несоодветни услови, за плати од 12 илјади денари.

Се обидовме да ја провериме оваа информација и кај германска компанија, но до затворањето на овие вести одговор од нив не добивме. Телевизија 24 контактираше со сопственикот на велешката конфекција „Стоби“, Сашко Крстевски. Тој потврди дека странскиот партнер им ја откажал соработката, но демантира дека некаква солидарност кон вработените е причината. Тврди дека во однос на вработените, се е според законот.

„Мислите ли дека денеска некој, ако му биде даден, би потпишал празен лист? Тоа се измислици. На вработените кои беа на определено време, договорите им завршија, а со оние на неопределено потпишавме договори за спогодбен раскин на договорите.“

Отпуштените работници од конфекцијата Стоби велат дека пред извесно време, на нивна пријава, трудови инспектори ја посетиле фабриката, но не откриле ништо спорно во нејзиното работење.

0 Коментари

Остави коментари